22.08.2012, 18:46 Вардар про почна со пораз во Добој
Вардар про изгуби со 27:23 (12:11) од рускиот тим Чеховски медведи на стартот од 44. Меѓународен ракометен ТВ-турнир на шампионите, кој се одржува од 21 до 25 август во Добој, Босна и Херцеговина. Првиот победник на регионалната СЕХА-лига и освојувач на Купот на Македонија во минатата сезона во второто коло од групата А синоќа требаше да ги одмери силите со белорускиот првак Динамо Минск, а денеска од 17,30 ч. ќе му се спротивстави на повеќекратниот европски шампион Барселона.
Во другата средба од почетниот круг во групата А ракометарите на Барселона го декласираа Динамо Минск со 33:22, а шпански Адемар Леон во рамките на групата Б почна со победа од 40:26 над домаќинот Слога. Во таа група се и Цимос од Словенија и ПИК Сегед од Унгарија.
На��радата за победникот на ТВ-турнирот на шампионите е 15.000 евра, второпласираниот ќе добие 10.000, а освојувачот на третото место 5.000. Турнирот се одржува од 1965 година, а не се играше само од 1992 до 1996 година поради војната во БиХ. Од февруари 2011 година тој е дел од официјалниот календар на натпреварувања на светската ракометна федерација ИХФ. (Р.Д.) |