23.08.2012, 12:51 Ибраими и Тасевски тешко до ЛШ
Марибор загуби со 2:1 од Динамо во Загреб, Хапоел поразен со 2:0 кај БАТЕ Борисов во првиот меч од плејофот
Македонските фудбалски интернационалци Агим Ибраими и Дарко Тасевски ќе имаат тешка задача со своите клубови во возвратните средби од разигрувањето во Лигата на шампионите да изборат настап во фазата по групи. Ибраими беше стартер за Марибор и играше до 76 минута од натпреварот со Динамо во Загреб, во кој хрватскиот првак го совлада словенечкиот со 2:1. Тасевски и неговиот Хапоел Кирјат Шмона, пак, се враќаат со пораз од 2:0 од гостувањето во Белорусија кај БАТЕ Борисов, кој во второто квалификациско коло го елиминира Вардар.
Фудбалерите на Динамо го имаа најдобриот старт на средбите кои се одиграа синоќа. Почнаа со напади кон голот на Хандановиќ уште по првиот свиреж на судијата Чакир од Турција и им требаа само десет минути за гол, кој падна по одличната акција на Вида по десната страна. Тој нафрли пред голот на Марибор, а таму највисок во скокот беше Чоп, кој само ја смести топката во мрежата.
Гостите од Словенија израмнија со автоголот на Бадељ во 39 минута.
Цвијановиќ изведе слободен удар од аголот на шеснаесетникот, биеше ниско и силно, а Бадељ се обиде да интервенира и да ја исфрли топката во корнер, но место тоа го измами својот голман Келава. Играчот што ја затресе својата мрежа во вториот дел од средбата успеа да погоди, но во противничкиот гол. Капитенот на Динамо во 74. минута втрча во шеснаесетникот на Марибор и дојде до топката пред својот чувар, по што ја испрати во долниот десен агол од голот на противникот.
БАТЕ Борисов со убедлива предност од два гола патува за Израел кај тимот на Тасевски. Стрелец на двата погодока беше Родионов во 26 и во 78 мин.
Удинезе играше нешто поотворено на гостувањето во Брага (1:1), имаше повеќе од играта, а тоа беше крунисано со погодокот на Баста во 23. минута. Домашните фудбалери израмнија во 68 минута, кога Исмаили биеше од повеќе од 30 метри, а голманот Бркиќ беше немоќен да интервенира.
На големо изненадување, Малага имаше неверојатно прво полувреме против Панатинаикос, кое се покажа доволно за уверлива победа од 2:0. Демикелис во 17 мин. ја искористи мешаницата и упатената топка пред голот ја допре доволно за да и' ја смени патеката на движење и да ги измами играчите на противникот. Седумнаесет минути подоцна одбраната на гостите направи уште една грешка, Елисеу остана сам и биеше прецизно од далечина, поставувајќи го конечниот резултат.
Изненадување е и победата на АЕЛ од 2:1 против Андерлехт. Кипраните поведоа преку Доса Жуниор во 34 мин., израмни Мбокани во 62 мин., а победата на домашниот тим му ја донесе Мигел десет минути подоцна.
Резултати од вчера: Брага - Удинезе 1:1, АЕЛ Лимасол – Андерлехт 2:1, БАТЕ Борисов – Хапоел Шимона 2:0, Динамо Загреб – Марибор 2:1 и Малага – Панатианикос 2:0.
Во вторникот: Спартак Москва – Фенербахче 2:1, Базел – Клуж 2:1, Копенхаген – Лил 1:0, Хелсингборг – Селтик 0:2 и Борусија Менхенгладбах – Динамо Киев 1:3.
Реванш натпреварите се играат на 28 и на 29 август.
|