19.08.2012, 17:57 Рекорден 11. триумф на Стојчев на Охридскиот маратон
Маратонците ги испливаа 30-те километри колку што е долга патеката „Климе Савин“, од Свети Наум низ десет контролни точки до целта кај Охридското пристаниште
Петар Стојчев од Бугарија денеска по единаесетти пат победи на меѓународниот Охридски пливачки маратон.
Дваесет и девет од пријавените 30 пливачи точно на пладне запливаа во водите на Охридското Езеро, на стартот на 26-от меѓународен Охридски пливачки маратон.
Маратонците ги испливаа 30-те километри колку што е долга патеката „Климе Савин“, од Свети Наум низ десет контролни точки до целта кај Охридското пристаниште.
Петар Стојчев беше меѓу фаворитите за победа на денешниот маратон, и рекорден единаесетти пат е освојувач на првото место во Охрид.
На годинешниов маратон пливаа водечките во генералниот пласман на ФИНА, Австралиецот Трент Гримси како првопласиран со 78 бода, аргентинецот Дамиан Блаум како втор со 56 и третопласираниот Андреа Волпини од Италија со 40 бода. Пливаше и најдобар македонски маратонец Евгениј Поп Ацев. Заедно со Поп Ацев, кој беше третопласиран минатата година, во шестчлената македонска експедиција беа и Александар Илиевски, Дејан Младеновски и Александар Панчевски, Миро Крстевски и Александар Тороманоски. Иако беше пријавен, настапот на денешната трка поради повреда го откажа Томи Стефаноски, кој беше втор на минатогодишниот маратон.
Листата кај дамите ја предводеше водечката во генералниот пласман и трикратна побеничка во Охрид шпанката Естер Њуњез Гомез Морера, додека зад неа е аргентинката Гељо Пиљар.
Организатор на трката, инаку последна во Гран-при серијата на Меѓународната пливачка федерација за оваа сезона е Пливачката федерација на Македонија, а технички организатор е Клубот за спортови на вода „Охридски бранови“ од Охрид. Охридскиот пливачки маратон со награден фонд од 25 илјади долари се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.
|