16.08.2012, 13:07 Светската пливачка елита в недела на 26. Охридски маратон
Триесет пливачи од сите пет континенти ќе учествуваат во 26-от Меѓународен охридски пливачки маратон што в недела ќе се плива на патеката „Климе Савин“ на Охридското Езеро
На стартот кај „Свети Наум“ ќе ги видиме десеткратниот победник на маратонот Петар Стојчев од Бугарија, како и водечките во генералниот пласман на ФИНА, аргентинецот Дамјан Блаум, заедно со Андреа Волпини од Италија и Трент Гримси од Австралија.
Шестчлената македонска експедиција ќе ја предводи третопласираниот минатата година Евгениј Поп Ацев. Заедно со него ќе пливаат уште Александар Илиевски, Дејан Младеновски и Александар Панчевски, Миро Крстевски и Александар Тороманоски. Иако беше пријавен, настапот на утрешниот маратон поради повреда го откажа Томи Стефаноски кој беше втор на минатогодишниот маратон.
И ова маратонско издание ќе мине без македонска преставничка во женска конкуренција. Последната македонка која пливала и триумфирала на Охридскиот пливачки маратон беше Теодора Раптис во 1992 година. Годинава трката во женска конкуеренција ќе има нов победник бидејќи бранителот на титулата од 2010 и 2011 година Карла Ситиќ од Хрватска не пријави учество на маратонот.
Стартот на трката е закажан за в недела 19 август точно на пладне кај Свети Наум, а првите маратонци на целта кај Градското пристаниште во Охрид ќе пристигнат некаде пет и половина часа подоцна. Рекордот на 30-километри долгата патека го држи Игор Мајцен од Словенија со резултат (5:19:49) постигнат во 2000 година.
Охридскиот пливачки маратон е седми од 12-те трки во рамки на „Гран-при 2012“ серијата на Меѓународната пливачка федерација, а се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
|