16.08.2012, 12:01 Ван Перси и официјално во Манчестер јунајтед!
Најдобриот стрелец во англиската Премиер лига денеска ќе отпатува во Манчестер каде по медицинските прегледи ќе потпише четиригодишен договор со „црвените ѓаволи"
Холандскиот репрезентативец Робин ван Перси мина од лондонски Арсенал во Манчестер јунајтед, објави официјалната интернет страница на лондонските „топчии".
Најдобриот стрелец во англиската Премиер лига минатата сезона денеска ќе отпатува во Манчестер каде по медицинските прегледи ќе потпише четиригодишен договор со „црвените ѓаволи".
Англиските медиуми тврдат дека Манчестер јунајтед за Ван Перси ќе му плати на Арсенал околу 38 милиони евра, а дека Холанѓанецот ќе заработува неделна плата од околу 200 илјади фунти.
Холандскиот напаѓач минатиот месец одби да потпише продолжување на договорт со лондонскиот клуб, а на „Олд Трафорд" ван Перси во тандем со Вејн Руни ќе се обиде на Јунајтед повторно да му ја донесе шампионската титула.
Дваесет идеветгодишниот Робин ван Перси имаше понуда и од англискиот шампион Манчестер сити и од италијанскиот актуелен првак Јувентус.
Францускиот стратег на Арсенал, Арсен Венгер изјави дека морал да го продаде својот најдобар фудбалер, Робин Ван Перси.
„Тажно е кога ќе загубите таков играч со таков квалитет, но сеедно, моравме да го продадеме. Инаку во следната сезона ќе си заминеше без обесштетување. Ние веќе имаме алтернативи за него, Жиру и Лукас Подолски“, рече Венгер.
|