17.08.2012, 15:24 Седлоски: Играчите се за мене
Македонскиот в.д. селектор за „Вечерњи лист“ вели дека има поддршка да остане на кормилото
Гоце Седлоски во вчерашното издание на хрватскиот весник „Вечерњи лист“ го пренесува расположението меѓу фудбалските репрезентативци на Македонија да остане на кормилото на националниот тим, на кое дебитира како в.д. селектор со победа од 1:0 против Литванија во пријателскиот натпревар одигран во средата во Скопје.
„Тоа го сакаат моите играчи. Сите се изјаснија за моето останување, а сега одлуката е во рацете на Фудбалската федерација. Им ги кажав моите услови, па нека решат“, вели тој за дневниот лист.
Поранешниот македонски репрезентативец, единствен со сто настапи, а сега помошник-тренер во австриски Матерзбург, не сака да се изјаснува за своето видување.
„Не би зборувал за своите чувства. Само ќе кажам дека многу ми значи тоа што играчите го зборуваат за мене во медиумите. Тоа ми е големо признание“, објаснува тој.
„Вечерњи лист“ побара коментар од Седлоски и за поразот на Хрватска од Швајцарија од 4:2 во Сплит во средата. Токму „коцкестите“ на 7 септември ќе ја пречекаат Македонија на „Максимир“ на стартот од квалификациите за Светското првенство 2014 во Бразил.
„Го видов само резултатот, не и деталите од натпреварот. Изненадување? Па, и не е. Денес против ниедна репрезентација не можете да сметате на сигурна победа. Швајцарците се добри, а тоа што Хрватите играле лошо не мора ништо да значи. И нема да не' залаже. Ние и тоа како добро знаеме какви играчи има Хрватска и колку моќна репрезентација е таа“, одговори некогашниот капитен на Динамо од Загреб.
|