20.08.2012, 16:53 Дипломати му должат на Лондон 58 милиони фунти
Само минатата година странските дипломатски мисии и нивните возила не платиле девет милиони фунти
Рекорден број странски дипломати и амбасади им должат на градските власти на Лондон 58 милион фунти за неплаќање на специјалната градска такса за возење низ централното градско подрачје, што е најголемиот долг откако оваа такса е воведена пред девет години.
Според објавените податоци, само минатата година странските дипломатски мисии и нивните возила не платиле девет милиони фунти. Дипломатите одбиваат да плаќаат, како и да го платат долгот, тврдејќи дека „наметнатата градска такса“ е спротивна на Женевската конвенција, со која странските дипломатски мисии и дипломатскиот персонал се ослободени од плаќање даноци.
Градските власти на Лондон, меѓутоа, инсистираат дека оваа такса не влегува во „имунитетот“ што го пропишува Женевската конвенција, па дека затоа дипломатите мора да ја плаќаат како и сите жители на градот и неговите гости.
Таксата за возење низ централното градско подрачје е воведена од лабуристичкиот градоначалник Кен Ливингстон како „еколошка“ такса, за да се намали сообраќајот, секојдневните метежи и загаденоста на воздухот. Таксата која на почетокот изнесуваше шест фунти на ден, сега е зголемена на 10 и претставува дополнување на градската каса, иако сообраќајот во централниот дел од градот не е намален како што тоа беше најавувано.
Странските дипломати, исто така, должат милиони фунти и за казните за погрешно паркирање, но податоците на градските власти покажуваат дека 22.500 дипломати, колку што живеат во Лондон, се оглушуваат на сите предупредувања, па нивниот долг од неплатени казни годишно се зголемува со по шест милиони фунти.
Најголеми „прекршувачи“ се дипломатите на САД кои должат 6,1 милион фунти и одбиваат да плаќаат градска такса за возење низ центарот уште од 2003 година, кога таксата беше првпат воведена. По Американците следуваат дипломатите на Русија, Јапонија и Германија кои заедно му должат на градот десет милиони фунти.
Градоначалникот на Лондон Борис Џонсон во мај минатата година предизвика „сензација“ во домашните и американските весници кога за ова му се пожали на претседателот на САД Барак Обама за време на неговата тогашна посета на Велика Британија. |