20.08.2012, 13:48 (ФОТО) Претседателот Иванов ја отвори Школата за млади лидери
Учесниците во Школата ќе имаат можност да се сретнат со врвни предавачи - истакнати професори, европски парламентарци, министри, амбасадори...
ФОТО: МИА
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска официјално ја отвори третата по ред Школа за млади лидери, која традиционално под негово покровителство се одржува во Охрид.
На свеченото отворање на Школата, на 40-тината овогодинешни учесници им се обрати и претседателот на Европската академија на науките и уметностите, Феликс Унгер, како и заменикот помошник државен секретар на САД, Филип Рикер. Во текот на денот предавања на Школата за млади лидери ќе имаат и амбасадорите на САД и на Велика Британија, Пол Волерс и Кристофер Ивон, кои ќе зборуваат на теми поврзани со активното лидерство, како тоа да се спроведе во практика и како да се учи од етаблираните лидери, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.
И оваа година учесниците во Школата за млади лидери ќе имаат можност да се сретнат со врвни предавачи, истакнати професори од странски академски институции и универзитети, успешни бизнисмени и претседатели на мултинационални корпорации, асоцијации и институти, европски парламентарци, министри, амбасадори.
Меѓу истакнатите гости предавачи се издвојуваат: поранешниот личен секретар на принцезата Дајана, Патрик Џефсон, од Њујорк Тајмс прогласен за најпродаван автор, како и Мери Џо Џекоби, која во својата професионална биографија вклучува позиции како специјален асистент на претседателот Роналд Реган, била именувана од претседателот Џорџ Буш како помошник секретар за трговија на САД, а од страна на Кралицата Елизабета II за комесар на Британската државна служба.
Поранешниот амбасадор на САД во НАТО и поранешен заменик помошник државен секретар на САД, Курт Вокер, исто така ќе им се претстави на младите лидери. Како предавачи ќе присуствуваат и државниот министер за владини комуникации во Владата на Унгарија, Золтан Ковач, парламентарецот од германскиот Бундестаг, Томас Хелм, професорот од Оксфорд и долгогодишен наградуван новинар на Би-Би-Си, Ричард Грејсон. Ќе гостуваат професори и од Универзитетот Оберта де Каталуња, Универзитетот Оукланд - Нов Зеланд, Универзитетот од Бостон, Универзитетот од Виена, потоа директори на ме��ународни институти и асоцијации, и други успешни лидери од Македонија, Европа и светот.
Воспоставувањето на Школата за млади лидери, која се одржува трета година по ред, е лична идеја на претседателот Ѓорге Иванов, како проект за прв пат инициран уште во неговата изборна програма. Првиот интензивен тренинг за лидерство беше организиран во август 2010 година во Охрид, под негово покровителство. Идејата е да им се овозможи на младите, талентирани и амбициоазни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Целната група на Школата за лидери се млади луѓе на возраст меѓу 23 и 35 години, дипломирани студенти и професионалци чиишто сфери на интерес се цивилното општество, економијата, политиката, и кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Право да учествуваат имаат младите од Македонија, но и децата на нашите иселеници во странство.
Дека се работи за жив проект, од кој континуирано се раѓаат нови иницијативи, како што се вели во соопштението, сведочи и Алумни Асоцијацијата – ИСЛАА, формирана од првата генерација учесници, како посебно регистрирано здружение. Оваа асоцијација, во која членуваат сите поранешни учесници, има организирано низа предавања, работилници, презентации, лидерски кампови и хуманитарни акции, што е достојна потврда за квалитетот и успешноста на Школата за млади лидери. Членовите на ИСЛАА во јули годинава имаа можност лично да се сретнат со Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун.
|