19.08.2012, 14:57 Асанж од прозорец ќе и се обрати на јавноста
Џулијан Асанж, кој два месеци живее како бегалец во зградата на амбасадата на Еквадор во Лондон, денеска ќе даде изјава за својот случај и за еквадорско-британската дипломатска расправија.
Ова ќе биде негова прва јавна изјава, по одлуката на еквадорските власти да му дадат азил, во која се очекува Асанаж да ја изнесе својата позиција околу бегството и одбивањето на британските власти да му дозволат слободен премин за да замине за Кито.
Еквадорската амбасада е заобиколена од припадници на лондонската полиција, која го одржува редот, но внимава и за да спречи ново бегство на овој поранешен австралиски хакер, доколку се обиде да замине од Велика Британија.
Скотлад јард уште пред повеќе од еден месец соопшти дека тој ќе биде уапсен веднаш штом излезе од зградата на амбасадата.
Пред амбасадата во центарот на Лондон има приврзеници на Асанж кои го прикажуваат како „политичка жртва“ и како борец за човекови права, но многу повеќе има претставници на разни телевизиски станици, најмногу од Австралија, од каде Асанж потекнува и од земјите на Јужна Америка, кои сега покажуваат голем интерес за неговиот случај.
Еквадор соопшти дека Џулијан Асанж во своето јавно обраќање не смее да држи политички говори, ниту да дава политички изјави.
Претстедателот на оваа земја Рафаел Кореа, кој важи за еден од најлевичарските лидери меѓу латинскоамериканските земји и се обидува да го копира однесувањето на венецулескиот претседател Хуго Чавез, изјави во Кито дека Велика Британија ризикува тешки последици по билатералните односи доколку се укине имунитетот на еквадорската амбасада за полицијата да влезе внатре и го уапси Асанж.
Такво предупредување до официјален Лондон испратија и земјите сојузнички на Еквадор во тој дел од светот, но претседателот Кореа, на своето традиционално „комуницирање со народот“ во Кито, по углед на средбите на Чавез со народот во Венецуела, рече дека Еквадор сака Асанж да оди во Шведска и да се соочи со обвиненијата, како што бара шведското обвинителство, но бара од владата во Стокхолм гаранција дека азилантот „нема да и биде предаден на трета земја“.
Засега не е познато дали Џулијан Асанж денеска ќе зборува од некој прозорец или од балкон на зградата на амбасадата на Еквадор, во Лондон, како и дали тоа ќе биде изјава или тој ќе се обиде да одржи некаква прес-конференција.
|