20.08.2012, 17:08 (ФОТО) Се реконструира салата „Длаборез“ во Собранието
Салата ќе се исчисти, реставрира и репарира со реставратори и конзерватори од Музејот на Македонија
Започна адаптацијата и реконструкцијата на кабинетот на претседателот на Собранието, кој од независноста до 2009 година беше и претседателски кабинет, во рамките на работите за доградба, надградба, адаптација и зајакнување на парламентарната зграда. Првиот парламентарец Трајко Вељаноски своите обврски од денес, па според планот, се' до почетокот на ноември, ќе ги извршува од стариот кабинет.
Дел од собранискиот претседателски кабинет е и салата „Длаборез“, која во однос на вградената орнаментална содржина во резба се смета за најинтересна во македонскиот парламент. Обработката на кабинетите и ентериерот се проектирани, односно дизајнирани од Д. Инкриостри (1935-1937). Салата „Длаборез“ е комплетно обложена со дрво на ѕидовите, поделени на геометриски полиња, каде што во резба се аплицирани различни геометриски, вегетабилни и зооморфни стилизирани мотиви, втемелени на народната уметност и традиција. Изведбата на оваа декорација му била доверена на Глиша Костовски, столар и резбар од Тетово, со неговата тајфа.
Во салата „Длаборез“ се менува паркетот бидејќи е во лоша состојба, а новиот ќе биде во иста шара и интарзија како стариот.
„Планираме салата ’Длаборез‘ да се исчисти, реставрира и репарира со стручни луѓе, реставратори и конзерватори од Музејот на Македонија. Кога ќе завршиме со градежниот дел тие ќе дојдат и ќе работат. Бидејќи реставраторите побараа 30 до 40 дена, планираме до ноември работите на кабинетот да завршат“, изјави за МИА, собранискиот архитект Билјана Ивановска.
Летово се работи и на реконструкција и зајакнување и на главниот собраниски влез и свечениот собраниски дел, кој до Денот на независноста - 8 Септември ќе биде ставен целосно во функција. Во тие рамки во завршна фаза се и работите на Охридската сала, која се користи за протоколарни средби и состаноци.
Градежните работи во Собранието почнаа во март 2010, а требаше да завршат најдоцна до крајот на оваа година, но според договорот за зајакнување на зградата дополнително е договорен рок до ноември 2013 година. Се предвидува изведување на нови 3.900 квадратни метри и адаптирање на 840 квадратни метри. За оваа намена беше предвидено да бидат потрошени околу 700 милиони денари или 11 милиони евра. Поради зајакнувањет�� на објектот и други дополнителни работи оваа сума ќе се зголеми. Крајната сума, според Ивановска, ќе се знае по целосното завршување на доградбата, надградбата, адаптацијата и зајакнувањето на објектот.
Архитектот Ивановска вели дека работите се одвиваат според планираното, но оти за време на процесот излегуваат дополнителни работи кои не биле планирани, како на пример, зајакнувањето на објектот.
„Имаме завршено околу 60 проценти од предвидените работи. Дел од надградбата, односно ламелата седум е веќе вселена, челичната конструкција на објектот на надградбата е поставена речиси 80 проценти. Надградбата сега е ударна над главниот влез и фасадата. Поставена е првата мала купола. Се работи на нејзино довршување. Се завршува подната челична конструкција на повеќенаменската сала. Во однос на доградбата, пред некој ден ја бетониравме последната кровна плоча, на приземјето и првиот кат веќе се работат и преградните ѕидови“, вели Ивановска.
Во текот на овој месец беше поставена и едната од двете мали куполи. Се завршува подната челична конструкција на повеќенаменската сала, која ќе биде надоврзана на последното ниво на доградбата. Физички оваа сала ќе биде поставена на самостојната носечка челична конструкција над парламентарната сала и покриена со третата купола со висина од 9,80 метри и дијаметар од 34 метри.
„Поради неа и улицата ’Даме Груев’ е затворена. Во почетокот на септември ја очекуваме да дојде групата од Шпанија да ја монтираат челичната конструкција на големата купола. За големата купола и челикот и стаклото се работат во Шпанија, а за малите куполи челикот го работи ’Факом’, а стаклото ќе го ставаат Шпанците“, изјави Ивановска.
На делот од зградата на Собранието, кој е веќе завршен, е ставена и оригиналната боја на фасадата.
Со доградбата и надградбата Собранието ќе доб��е нови 119 канцеларии, шест сали за комисии и една повеќенаменска протоколарна сала од 600 квадрати. Изведувач на работите е градежната компанија „Бетон“.
Зградата на Собранието е една од најмонументалните градби во Македонија, за која во 1930 година бил распишан и конкурс за проектирање (на кој победил архитект Виктор Лукомски), а изградена е во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак. (МИА)
|