19.08.2012, 15:16 Олинга најмлад стрелец во Примера
Напаѓачот на Малага со голот што го постигна во 84 минута на отворањето на сезоната донесе минимален триумф на гостувањето кај Селта со 1:0
Напаѓачот на Малага, Фабрис Олинга стана најмладиот стрелец во историјата на најсилната шпанска фудбалска лига, постигнувајќи го единствениот погодок во првото коло од новиот шампионат со кој беше совладана Селта во Виго.
Камерунецот со голот што го постигна во 84 минута со 16 години и 98 дена го надмина досегашниот рекордер, напаѓачот на Атлетик Билбао, Икер Мануин кој во октомври 2009 година постигна гол во шпанскиот шампионат со 16 години и 289 дена.
Во другите два саботни меч од Примера, беа постигнати идентични резултати од 2:1 во полза на домаќините. Севиља очекувано го совлада Хетафе со головите на Фазио во 34 и Негредо од пенал во 38 минута, додека гостите ублажија преку Алексис во 50 минута. Мајорка дури во финишот од натпреварот се избори за првите три бода против Еспањол. По првите пет минути резултатот беше 1:1, откако домашните поведоа преку Емед во 2-та а Вакасо изедначи во 5-та минута, и овој резултат беше важечки до 85 минута, кога повторно Емед ја затресе противничката мрежа.
Денеска играат: Атлетик Билбао - Бетис, Реал Мадрид - Валенсија, Барселона - Реал Сантандер и Леванте - Атлетико Мадрид, а завршува во понеделник со мечевите Депортиво - Осасуна, Рајо Валекано - Гранада и Реал Сарагоса - Вајадолид.
|