24.08.2012, 12:37 На СВП ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“
Во текот на денот ќе бидат промовирани и поетските книги од едицијата „Плејади“, како и изборот на македонска песна „Меѓу две лета“
Во рамки на 51. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата денеска ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивали и првпат годинава ќе се одржи симпозиум на тема „Новите комуникации - закана или перспектива за поезијата“.
Во текот на денот ќе бидат промовирани и поетските книги од едицијата „Плејади“, како и изборот на македонска песна „Меѓу две лета“. На истекот на реката Црн Дрим ќе се одржи вечер на современата монголска поезија, а во „Ноќта без интерпункција“ ќе бидат претставени „сараевски тетратки“.
Во катедралната црква „Св. Софија“ утре ќе биде претставено творештвото на годинашниот добитник на Златниот венец, јужноафриканецот Монгани Вали Сероте. Златниот венец на Сероте ќе му биде врачен на меѓународниот поетски митинг „Мостови“, што традиционално ќе се одржи в недела на Мостот на поезијата, каде ќе бидат врачени и наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ и наградата „Иселеничка грамота“.
Манифестацијата свечено беше отворена синоќа со традиционалното читање на Константиновата „Т'га за југ“ пред Домот на поезијата во Струга, со палење на фестивалскиот оган и кревање на знамето. По 48 години, песната годинава ја прочита Ристе Миладинов, еден од потомците на браќата Миладиновци.
На отворањето покрај директорот на Фестивалот Мите Стефоски, присуствуваа и министерката за култура Еизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, како и други гости и поети од земјава и светот.
Свеченото отворање продолжи со стихови од годинашиов лауреат јужноафриканецот Монгани Вали Сероте, како и од поранешни добитници на Златниот венец, меѓу кои и шпанскиот поет Хусто Хорхе Падрон и претставување на добитникот на наградата на УНЕСКО и СВП за најдобар млад поет, Франсоа - Ксавие Мегр од Франција.
На 51. издание на Струшките вечери на поезијата учествуваат 60-тина странски и исто толку домашни поети. Освен од Македонија, учествуваат истакнати поети од Азербејџан, Франција, Индија, Куба, Ирак, Сирија, Мароко...
Сероте е 47-тиот добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Првпат му е доделен во 1966 на рускиот поет Роберт Рождественски за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво.
|