23.08.2012, 14:56 Краткиот филм „Епизодист“ со награда во Холивуд
Филмот во режија на Игор Алексов, а по сценарио на Алек Русјаков, го освои првото место меѓу 24 филма на Фестивалот „Холи шортс“
Сунчица Уневска
Краткиот македонски игран филм „Епизодист“ во режија на Игор Алексов, а во продукција на „Квазар филм“ ја доби главната награда во интернационалната селекција на Американскиот филмски фестивал за кратки филмови „Холи шортс“, во конкуренција меѓу 24 филма. Ова беше 8. издание на овој фестивал, кој е специјализиран за краткометражната форма и на кој биле прикажани вкупно 300 филма, а учествувале повеќе од 20 држави.
Режисерот Игор Алексов, како што рече на денешната прес-конференција, е исклучително задоволен, особено што станува збор за негов прв професионален филм. Но, она што е интересно во врска со овој филм, е што ова е еден од ретките филмови кај нас, кој е направен по порачка на продуцентска куќа. Имено, продуцентот „Квазар филм“ го понудил сценариото, кое го потпишува Алек Русјаков, на режисер, но кој сето тоа би го работел како дел од тимот. Излезе дека оваа професионална соработка се покажа како успешна и како добар пример за еден поинаков пристап кон снимање филм. Игор Алексов нагласи дека ова е заслуга на сите, бидејќи и во самиот процес на работа тие биле отворени за разни идеи и креативни решенија и сето ова е резултат на одличната соработка.
„’Епизодист‘ е горчлива приказна за две времиња, за два различни политички система, за две различни судбини на еден ист лик, околу кој злото, лицемерието и суровоста на моќта остануваат исти. Злоупотребата на силата и моќта за да се добие посакуваното, без разлика дали ќе биде уништен еден човечки живот, неговите соништа и идеали“, е основната линија во приказната на филмот. Или, како што додава Игор Алексов, главната порака на филмот е колку и да ве навреди некој, колку и да ве измачува или да се труди да ве понижи, најважно од се' е да останете човек.
Актерите беа полни со пофалби за самиот процес на работа и за искуството од снимањето на овој филм, иако станува збор за само 23-минутен филм. Во него играат Силвија и Јана Стојановски, и тоа еден лик, но во помлади и повозрасни години. Силвија истакна дека организацијата била многу професионална и дека за секој сегмент од филмот имало човек, што е сепак реткост кај нас кога се работи за кратки филмови. Јана Стојановска додаде дека во текот на работата на филмот имало неверојатно добра енергија, а како одлично искуство кое може да отвори нови врати, го сметаат и Предраг Павловски и Игор Ангелов. Во филмот играат и: Славица Јовановска, Благица Трпковска и Кирил Ристески.
Продуцентот Блаже Дулев рече дека Фестивалот „Холи шортс“ од оваа година се одржува во престижната киносала во Холивуд Grauman's Chinese Theater, во која се одржуваат бројни премиери. Инаку, како што објасни, ова е веројатно првиот балкански филм кој е работен со поновата дигитална техника, со камерата АГИ Алекса. Директор на фотографија е Душан Кардалевски, монтажата е на Тања Рибарска, а музиката на Доријан Јовановиќ. Филмот претходно беше прикажан на повеќе фестивали, а во Македонија публиката можеше да го види на Скопскиот фестивал и на „Астерфест“. Следен фестивал е претстојниот „Браќа Манаки“, каде што ќе биде прикажан во „Македонската панорама“.
Инаку, како што рече Алексов, по овој успех филмот добил покана за учество на уште два фестивала на кратки филмови во Калифорнија, а исто така добил и интернационален дистрибутер.
|