19.08.2012, 11:26 Концерт на Гринголтс и Лаул во „Света Софија“
Еден од најинспиративните музичари на денешницата, Илја Гринголтс и брилјантниот пијанист Петер Лаул, вечерва во 21 часот ќе одржат концерт во црквата „Света Софија“ во рамки на „Охридско лето“
Гринголтс студирал виолина и композиција на Конзерваториумот во Санкт Петербург со Татјана Либерова и Јеана Металиди и на школата Џулијард со Исак Перлман до 2002 година кога го имал и своето северноамериканско деби со Оркестарот на Националниот центар за уметности во Отава. Непосредно потоа, станал еден од најбараните солисти, по што на сцената застанал со најпознатите светски диригенти. Тој е еден од дванаесетте уметници, избрани од страна на Би-Би-Си за проектот „Уметници на новата генерација“.
Петер Лаул е брилијантен пијанист, школуван во класата на Александар Сандлер на Конзерваториумот во Санкт Петербург, каде што денес е предавач. Добитник е на трета награда и Специјална награда за најдобра изведба на дела од Бах, на конкурсот во Бремен во 1995 година и потоа во 1997 година, кога се стекнал со Прва награда и Специјална награда за најдобра изведба на соната од Шуберт. Лауреат е на натпреварот „Скрјабин“ во Москва, а награден е и со почесен медал за високи достигнувања во уметноста од Министерството за култура на Русија.
Како солист концертирал со Филхармонијата на Санкт Петербург, Оркестарот на театарот Марински, Московската филхармонија, Московскиот државен оркестар и др.
|