22.08.2012, 15:58 Поетот Хусто Хорхе Падрон вечерва ќе го добие медалот „Блаже Конески“
Реч за неговото поетското творештво ќе одржи акад. Матеја Матевски, а медалот ќе му го врачи претседателот на Академијата Владо Камбовски
Медалот „Блаже Конески“, високото научно и уметничко признание на МАНУ вечерва ќе му биде доделено на поетот Хусто Хорхе Падрон во „Куќата на Уранија“ во Охрид, со почеток во 19 часот. Реч за неговото поетското творештво ќе одржи акад. Матеја Матевски, а медалот ќе му го врачи претседателот на Академијата Владо Камбовски. Доделувањето е во рамките на започнатата научна и уметничка визита, во рамките на која во 20 часот ќе биде отворена и пристапна изложба на ликовниот уметник, академик Глигор Чемерски. За неговото уметничко творештво ќе говори академик Влада Урошевиќ.
Утревечер во исто време, во истиот простор ќе биде отворена пристапна изложба на ликовниот уметник, мозаичарот академик Газанфер Бајрам за чие уметничко творештво ќе зборува акад. Луан Старова, секретар на Одделението за уметност.
Во сабота пак, со почеток во 11 часот ќе бидат претставени најновите трудови на членови на МАНУ: „Македонскиот преродбенски XIX век“, на акад Блаже Ристовски, „Голем Град Преспа“ на акад. Вера Битракова Грозданов и „Филозофија на правото“ на акад. Владо Камбовски. (К.Р.) |