22.08.2012, 16:14 Ивановски: Предвремени избори се секогаш отворена опција за СДСМ
За СДСМ, како опозициска партија, предвремените избори се секогаш отворена опција, изјави денеска Игор Ивановски, кој одговарајќи на новинарско прашање додаде дека нема намера да ги коментира актуелните случувања меѓу владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Опозициската партија соопшти дека ќе го поддржи Предлог - законот за посебните права на бранителите, но доколку ДУИ поднесе амандмани за вклучување на припадниците на ОНА во Законот за бранители, СДСМ нема да ги поддржи.
- СДСМ не го менува својот став и ќе гласа за секој Закон кој ќе го подобри статусот на бранителите, изјави пратеникот Игор Ивановски.
Потсети дека партијата уште во 2008 го поддржала законот предложен од самите бранители и „Достоинство“, кој беше потпишан од 30 илјади граѓани и дека секоја година при буџетската расправа со амандмани бараат да се обезбедат средства за правата на бранителите.
Ивановски не ја коментираше денешната изјава на министерот за одбрана Фатмир Бесими кој изрази жалење доколку навредил некого со настанот во Слупчане, но рече дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ мора до крај, заедно да ја сносат одговорноста за своите, како што оцени, погрешни и неодговорни политики и во пакет да бидат поразени од страна на граѓаните.
За тоа дали СДСМ ќе поднесе интерпелација за министерот за одбрана Фатмир Бесими, Ивановски вели дека таа би била израз на индивидуална одговорност.
- Фатмир Бесими, како и секој министер, ја претставува Владата колективно. Сметаме дека после огромниот скандал во Слупчане, не само министерот за одбрана, туку целата Влада на чело со Никола Груевски треба да понесе колективна политичка одговорност, рече Ивановски. |