22.08.2012, 13:28 Циркус „Сафари“ од утре до 23 септември
По три години, скопјани повторно ќе уживаат во циркуски лудории. Насмевки и воздишки ќе изнудуваат жонглерите, кловновите и животните на интернационалниот циркус „Сафари“ од Унгарија, кој од утре до 23 септември ќе гостува во главниот град. Големиот циркуски шатор е сместен позади СЦ „Борис Трајковски“. Шоуто на триесеттината циркузанти од Полска, Унгарија, Италија и Германија претставува спој од класичен и модерен циркус. Акробатите и тренерите на животните ќе бидат придружени од точки со колоритни костими, светла, играње и пеење заедно со публиката.
Претставите започнуваат секој ден од 17 и 19:30 часот. Премиерата е утре во вториот терм��н. Циркускиот шатор има капацитет за околу 1.000 посетители, а билетите чинат по 200 и 300 денари, во зависност од возраста. Карта од 400 денари ќе се плаќа за следење претстави од вип ложа. Шоуто е поделено во два дела, содржи петнаесеттина различни точки, а предвидува и пауза со можност да се погледне циркуската зоолошка градина. Дел од патувачкото животинско царство се слонови, нилски коњ, лавови, пони, африкански говеда... Гледачите ќе може да уживаат во музичката точка на Мистер Коко, училиштето за лавови на Александер Краи, балоните и хулахопот на кловнот Томи, парадата со пони, во мистериозниот акт „Рома“, егзибиции со слонови.
Циркусот „Сафари“ е основан во 1968 година од Јозеф Немет Сениор. Во текот на децениите е воведена модерна технологија и електроника и прерасна во возбудливо место за забава во живо, мешавина од уметност и анимации со разновидни животни кои се есенцијален дел од секоја претстава и веќе 5 генерации на семејството Немет ги пренесуваат триковите и се грижат за нивната благосостојба. (Б.Ш.)
|