22.08.2012, 12:30 Од утре температури од околу 40 степени
Од Министерството за здравство ги повторија препораките за заштита на здравјето на населението од штетните ефекти на високите температури
Поради најавата за нов топлотен бран со температури од околу четириесет степени, Комисијата при Министерството за здравство ги повтори препораките за заштита на здравјето на граѓаните и информира дека сите здравствени установи се во приправност и се подготвени со доволен број капацитети (хумани, просторни) и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број на лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури.
- Според информациите ��а УХМР од денеска под влијание на многу топла воздушна маса од југ, до крајот на неделава ќе продолжи сончево и многу топло време. Особено топло ќе биде во втората половина на неделава кога дневните температури на некои места ќе достигнуваат околу 40 степени. УВ индексот ќе има многу висока вредност 8. Во текот на денешниот ден, се очекува три региони од државата (северозападен, северен и југоисточен) да бидат зафатени со температури кои ја дефинираат жолтата фаза, односно алертна фаза, каде постои потенцијална опасност по здравјето на луѓето од многу топлото време, се вели во соопштението од Комисијата.
Во него се додава дека остануваат да важат истите општи препораки за заштита на здравје на населението.
Тие предвидуваат граѓаните да престојуваат што е можно подолго во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
Се препорачува да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна, да се пијат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење. Хроничните болни лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања се препорачува задолжително миење на зеленчукот и овошјето пред нивната употреба, храната термички да се подготвува и да се конзумира брзо по подготовката, како и да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумираат сладолед и разни кремови. |