22.08.2012, 12:22 Хаг не му дава на Караџиќ да разговора со Клинтон
Судскиот совет на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија го отфрли барањето на поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ да му нареди на поранешниот американски претседател Бил Клинтон да разговара со неговиот правен советник, објави весникот „Блиц“.
Караџиќ побара да се издаде судски налог за разговор со Клинтон, бидејќи, како што тврди, во 1994 година американскиот претседател не се спротивставил на Хрватска да помогне во трансферот на оружје за босанските муслимани и дозволил достава на оружје од Иран, кое подоцна било пренесено од Хрватска во Босна и Херцеговина.
Обвинетиот тврди дека во 1995 година Клинтон лично испратил делегација на Балканот, која ги информирала лидерите на босанските муслимани дека ако напорите за постигнување мир пропаднат, САД ќе бидат подготвени да понудат директна воена помош на Хрватите и муслиманите во БиХ.
Караџиќ бара разговорот со Клинтон да се одржи во Стејт департментот во Вашингтон на 10 септември. Според Караџиќ информациите кои ги бара од Клинтон се од големо значење за неговиот случај.
Судскиот совет како причина за одлуката да го отфрли барањето на Караџиќ го наведува тоа дека обвинетиот не ги исполнил условите за издавање на судски налог, бидејќи не покажал зошто смета дека Клинтон има важни информации во врска со шверцот на оружје во БиХ.
|