22.08.2012, 13:41 Почна изградбата на новата технолошко-индустриска развојна зона „Кичево“
Поттикнување на локалниот економски развој, трансфер на технологии и вештини на работната сила, зголемување на конкурентноста на локалните компании и зголемен извоз од државата, се дел од ефектите кои се очекуваат од новата технолошко-индустриска развојна зона „Кичево“ чија изградба започна денеска во месноста Србјани. На поставувањето камен-темелник во присуство на владиниот економски тим се обрати премиерот Никола Груевски кој посочи дека добрите економски политики и мерки на Владата, добрата бизнис-клима во државата и презентацијата на инвестициските можности на ��акедонија во изминатиот период предизвикале силен интерес кај многу странски инвеститори од кои дел се веќе во државата, дел градат фабрики, а дел се во фаза на интерес и планирање на своите инвестиции.
Тој притоа подвлече дека токму технолошко-индустриските развојни зони се еден од сегментите кои во голема мера го помагаат процесот за презентација и привлекување странски инвеститори во државата.
- Досега вакви зони се изградени и веќе функционираат во околината на Скопје и Штип. Планирано е да се градат во Тетово, Ранковце, Струга, Прилеп, Гевгелија и тука во Кичево, а наскоро ќе се основаат и ТИРЗ во Струмица и Радовиш. Со тоа се покриваат многу деловни подрачја на нашата држава кои се во релативна близина на поголемите градови и најблиските аеродроми, пристаништа и патишта. Со изградбата на овие зони во голема мера ќе се зголемат и дисперзираат можностите кои како држава ги нудиме на странските инвеститори, а воедно ќе се зголемат можностите да се изградат фабрики во што е можно повеќе краеви на нашата земја, подвлече премиерот Груевски.
Вицепремиерот Владимир Пешевски истакна оти очекува ефекти од изградбата на зоната во Кичево како од оние во Бунарџик.
- Досега се инвестирани над 300 милиони евра во изградба на зоните во кои се креирани над неколку илјади нови вработувања, а целта е рамномерен развој во државата. Во услови кога владее економска криза во Европа и каде што ние преземаме голем број чекори и мерки за подобрување на животниот стандард на македонските граѓани и за надминување на ефектите од кризата, отворањето на оваа зона е дел од тие напори, рече Пешевски.
ТИРЗ „Кичево“ ќе се гради во два опфати на вкупна површина од 29 хектари. Првиот опфат ќе се протега на површина од 13,5 хектари и ќе се протега во катастарската општина Србјани, а втората со површина од 16 хектари во општина Кичево. Првиот опфат ќе го сочинуваат девет парцели од кои седум се наменети за производствени и услужни дејности. Предвидена е изградба на пат кој ќе овозможи приклучување на зоната кон регионалниот пат Кичево - Македонски Брод. Во иднина предвидена е изградба на административен објект во кој ќе биде сместен терминалот на Царинската управа.
„Кичево“ е петта од 11 ТИРЗ што ќе се градат во рамки на владината програма за економски развој и привлекување странски директни инвестиции.ва/са/13:19
|