22.08.2012, 14:43 МОН: Трансформирани 5.189 договори за вработување на наставници
Со процесот на трансформација на работните договори на просветните работници со нерешен статус од крајот на 2008 година досега 5.189 добиле решенија за трајно вработување, соопшти министерот за образование и наука Панче Кралев по денешниот состанок со претставниците на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Синдикатот на вработените во образованието (СОНК).
Во текот на 2009 и 2010 година надлежните институции дале 1.537 согласности за трансформација на работните договори од определено на неопределено време, во 2011 - 2.771, а годинава 881 согласност.
- Процесот на трансформација на работниот однос продолжува и во следниот период. Тој е тековен и се заокружува со исполнување на условите на еден просветен работник за стекнување со тоа право. Еден од основните услови е да имаат најмалку пет години работно искуство односно најмалку две години согласно измените на Законот за работни односи во верифицирана образовна институција, рече министерот Кралев.
Трансформацијата на работните договори, согласно процесот на децентрализиација, се одвива во координација со општините со цел непречено одвивање на постапките и во следниот период. Постапката, според министерот Кралев, трае најмногу три месеци.
|