21.08.2012, 14:34 Ставрески: Нема зголемување на даноците и нов ребаланс
Владата нема да ги зголеми даноците. Засега смета дека ќе нема потреба од нов ребаланс на Буџетот. Во кризата што постои во Европа и има длабоки последици и врз македонската економија најважно е Буџетот да ја помогне ликвидноста на стопанството.
Тоа го изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Договорoт за заем со ЕБОР за изградба на железницата кон Бугарија.
Според него, Владата ќе направи се што може за поддршка на реалниот сектор, а Буџетот, како што рече, е позициониран со сите средства што се на располагање на државата да се ��омогне да се одржи ликвидноста на економијата, за последиците врз реалниот сектор да бидат помали.
Вицепремиерот повтори дека Владата и покрај кризата останува на ставот да не ги зголемува даноците за да нема дополнителен товар за стопанството и граѓаните.
- Македонската Влада како и сите во Европа во овие кризни времиња се соочува со искушенија за обезбедување доволно средства во Буџетот, но, како што е познато, се решивме Буџетот и фискалната политика да ги водиме без да предизвикаме дополнителен товар врз стопанството и граѓаните, односно да ја водиме фискалната политика и во овие тешки времиња без зголемување на даноците и она што го направија решиси сите земји во ЕУ, нагласи Ставрески.
|