22.08.2012, 13:37 Собранието го донесе Законот за гаранција на заемот на ЕЛЕМ кај Дојче банка
Собранието, по едночасовната пауза дадена на барање на ДПА, едногласно со 75 гласа „за“ го донесе Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за проектот „Модернизација на блок 2 и блок 3 во ТЕ Битола“ меѓу Дојче банка и АД ЕЛЕМ, по скратена постапка.
За реализацијата на проектот потребни се 52.096.491,70 евра. Од нив 85 отсто, односно 44.282.018 евра, се предвидува да бидат обезбедени со заем од Дојче банка, а преостанатите 15 отсто ќе ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства.
Заемот од Дојче банка е поделен на два дела, односно 22.364.362 евра за блок 3 и 21.917.656 евра за блок 2. За реализација на проектот треба да се плати и ХЕРМЕС премија за осигурување на извоз во износ од 2.500.000 евра за делот од заемот за блок 3 и 2.450.000 евра за делот од заемот за блок 2. Согласно тоа вкупниот износ на заемот од Дојче банка ќе биде 49.232.018 евра. Заемопримач ќе биде АД ЕЛЕМ, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција. Каматната стапка е варијабилна и претставува збир од шестмесечен ЕУРЛИБОР плус маргина од 1,675 отсто годишно. На барање на АД ЕЛЕМ може да се направи конверзија на каматната стапка во фиксна каматна стапка според рокови и услови предвидени во Договорот за заем.
Заемот треба да се отплаќа во 24 еднакви полугодишни рати. Отплатата треба да започне 6 месеци по датумот на подготвеност за работа на модернизиран блок. Првата отплата на делот од заемот за блок 3 треба да започне најдоцна на 20 јуни 2013 година, а за блок 2 најдоцна на 20 јуни 2014 година.
Претходно во расправата Митре Вељаноски од СДСМ рече дека заемите некој треба да ги врати и додаде дека поради новото задолжување најверојатно струјата повторно ќе поскапи.
Во реплика вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески истакна дека пред еден месец во Бугарија цената на струјата беше зголемена за 13 отсто, а пред два месеца во Хрватска за 20 отсто. Слично, посочи, е и во другите земји од регионот со исклучок на Србија каде енергетскиот сектор е во државна сопственост.
Нагласи дека на Чикашката берза земјоделските производи, меѓу кои и сончогледот, достигнаа највисока цена во последните 27 години за што, како што рече, не одлучува ВМРО-ДПМНЕ и поради што поскапуваат земјоделските производи и маслото за јадење. Поради кризата со Иран, додаде, постојано поскапува и цената на суровата нафта на светскиот пазар која е основа за формирање на малопродажните цени на нафтените деривати.
|