22.08.2012, 12:16 (ФОТО) Издадена книга за уривањето на авионот на претседателот Трајковски
„Контроверзии на летот Зулу 3 Браво-Алфа-Браво“ од Зоран Доревски дава хронологија на случувањата поврзани со авионската несреќа
ФОТО: Киро Попов
Хронологија на случувањата поврзани со авионската несреќа во која загинаа претседателот Борис Трајковски, придружната делегација и пилотите на владиниот „кингер“, објаснување за контроверзите што го следат настанот, како и појаснување на позицијата и клучните државнички одлуки на Трајковски, содржи денеска промовираната книга „Контроверзии на летот Зулу 3 Браво-Алфа-Браво“ од ��оран Доревски, долгогодишен началник во МВР и експерт за безбедност.
Податоците во книгата се резултат на обемни истражувања на официјалниот извештај за авионската несреќа, инфиормациите објуавени во печатените и електронските медиуми, како и истражувањата и разговорите со директните учесници околу авионската несреќа. На 268 страници се собрани сите случувања, пишувања, реакции, тези, извештаи за падот на „кингерот“ на 26 февруари 2004 година.
Книгата нуди изобилство информации за читателот, за тој самиот да создаде слика за несреќата во која загина претседателот Трајковски, но клучните прашања, според авторот, остануваат неодговорени.
- Јас не сум тој кој треба да одговори што навистина се случило во моментот на падот на „кингерот“, но во секој случај во книгата се наведени сите неодговорени прашања во истрагата, сите нелогичности. На пример како се случил пожарот е едно од се уште неодговорените прашања, зошто ако се спореди со трагите на теренот ќе видите многу нелогичности. Но, и покрај тоа во официјалниот извештај има многу малку сознанија за тоа. Во книгата всушност се обработени четирите хипотези кои се појавија во јавноста. Првата е дека станува збор за авионска несреќа како што впрочем стои и во официјалниот извештај. Потоа имаше пишувања дека станува збор за несреќа предизвикана од надворешен фактор, потоа дека станува збор за атентат… Јас не сум тој кој треба да одговори на овие прашања и не можам да шпекулирам. Во книгата само потсетувам што се случи и кои прашања останаа неодговорени, Не сакам после неколку години да се има има искривена слика за авионската несреќа, вели Доревски.
Книгата е поделена е во четири поглавја. Во првото хронолошки е прикажан текот на целата несреќа, од подготовките што предходеле на летот, самиот лет, несреќата, до реакциите на неа, вклучувајќи го и политичко-безбедносниот амбиент во македонската, босанската и пошироката јавност во првите 96 часа по несреќата.
Второто поглавје ги лоцира и објаснува контроверзите што го сочинуваат овој настан, ги лоцира клучните прашања што останаа без одговор во истрагата, нелогичностите во официјалниот извештај за кои зборуваше и швајцарскиот пратеник и истражител Андреас Грос и активностите и постигнувањата на Анкетната комисија во Собранието на Македонија, формирана по повод несреќата.
Третото поглавје е посветено на претседателот Трајковски и опфаќа една група од теми со кои треба да се појасни неговата позиција и клучните државнички одлуки и, во тој контекст, да се постави прашањето дали некој има основ, односно мотив за преземање на незаконски (загрозувачки) дејства против него.
Во четвртото поглавје, авторот обработува поголем дел од 36-те воздухопловни несреќи со „ВИП“ патник што се случиле во историјата на авиосообраќајот. Авторот ги лоцира клучните моменти во нив, начинот на кој е реагирано во матичната држава и како тие се прифаќани во домашната и стручната јавност.
|