23.08.2012, 13:57 Гостиварка почина по пад од петти кат
Гостиварката С.С. (49), вчеравечер паднала низ прозорецот на станот, во кој живеела со семејството. Од падот од петтиот кат, таа задобила смртни повреди и починала на самото место. Според СВР Тетово, настанот се случил околу 19,10 часот на улицата „Кеј Вардар“ во една од станбените згради во овој дел на Гостивар.
Екипа на ПС Гостивар, истражен судија и јавен обвинител, извршиле увид и работат на расветлување на околностите под кои дошло до трагичниот настан. Неофицијално, се проверува дали станува збор за самоубиство или несреќен случај. Пред да падне низ прозорецот, таа била качена на столче. Гостиварката подолго време имала здравствени проблеми.
Повеќе поединости околу мотивите и се' друго поврзано со случајот ќе се знаат деновиве откако ќе биде извршена обдукција врз телото на починатата.
Годинава, во Гостивар и Гостиварско регистрирани се вкупно две самоубиства, едното со огнено оружје и второто со скокање од прозорец. И двете ги извршиле жени. Во овој период, имало и 14 обиди за самоубиство и тоа на 12 жени и двајца мажи.
|