24.08.2012, 15:20 Академик Глигор Чемерски воодушевен од „Куќата на Уранија“
Тој неделава во овој исклучително важен простор, ја доби и дипломата за прием во Академијата, од нејзиниот претседател, академик Владо Камбовски
„Првото утро ?C првата пловидба“ е насловот на сликата на реномираниот сликар, од неодамна и редовен член на МАНУ, Глигор Чемерски која заедно со 17 негови дела е изложена во „Куќата на Уранија“ во Охрид. Тој неделава во овој исклучително важен простор, ја доби и дипломата за прием во Академијата, од нејзиниот претседател , академик Владо Камбовски.
Споменатата слика во голем формат што ја насликал месецов во Вевчани, завзема централно место на изложбата, на чие што отворање Чемерски, пред голем број присутни го искажа своето задоволство, но и честа што му ја укажа МАНУ со приемот во нејзините редови. Сликите кои во оваа прилика и ги понуди на публиката ги создавал во изминатите 5- 6 години.
За неговото творештво во оваа прилика говореше академик Влада Урошевиќ, со кого Чемерски го врзуваат педесет години заедничка работа. „Она што беше презентирано во „Куќата на Уранија“ која и припаѓа на Академијата и која поседува навистина извонредна галерија, може да биде пренесено во било која галерија , на било кој друг дел од светот“, истакна вчера Чемерски. Тој како мошне важен факт за функционирање на МАНУ ја потенцираше нејзината новоотворената програма со која „Куќата на Уранија“ ќе биде користена не само како работен простор, туку и за одржување на различни манифестации важни за националната историја и култура и надвор од актуелната, летна сезона во Охрид.
Освен изложбата на академик Глигор Чемерски, во оваа галерија е отворена и изложбата, на исто така новопримениот академик, мозаичарот Газанфер Бајрам. (К.Б.)
|