23.08.2012, 12:25 Стартуваат 51. „Струшки вечери на поезијата“
Поетот Монгани Вали Сероте, годинашен добитник на „Златниот венец на поезијата“
Во Струга денеска со засадување дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот, јужноафриканскиот поет Монгани Вали Сероте, и со традиционалното читање на песната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов пред Домот на поезијата ќе стартува 51. издание на „Струшки вечери на поезијата“. Добитникот на „Златниот венец на поезијата“ веќе се наоѓа во Струга и имал можност да го запознае градот во кој на големата манифестација со светско реноме годинава ќе присуствуваат 60-ина странски и исто толку домашни поети.
Според новиот директор Мите Стефоски, кој очекува уште едно успешно издание на манифестацијата, подготовките за нејзиното одржување околу сместувањето на гостите и самата организација се завршени. На прес-конференцијата вчера во Струга, тој нагласи дека на Фестивалот кој зачекори во шестата деценија му е потребно ново концепциско реосмислување.„Да му дадеме ново, надградено и унапредено постоење кое ќе има смисла за новите времиња“, рече Стефоски.
Претседателот на Управниот одбор на манифестацијата, Славе Ѓорго Димоски, говорејќи за лауреатот Монгани Вали Сероте, посочи дека тој не е само поет, туку е и политички активист кој за време на апартхејдот бил изложуван на многу репресии, бил затворан и дека таа негова борба му се отсликува во поезијата.
„Станува збор за поетска ангажираност која дава слика на времето од апартхејдот. Има и втор дел во таа поетика кога тој живеел во САД и во Англија каде што прави една ретроспектива меѓу јужноафриканскиот поетски сензибилитет со модерните европски текови“, истакна вчера Славе Ѓорго Димоски. На 51. издание на СВП, покрај од Македонија, ќе учествуваат и истакнати поети од Азербејџан, Франција, Индија, Куба, Ирак, Грција, Куба, Сирија, Мароко...
|