23.08.2012, 13:01 Ловориките на „Охрид фест“ за Ристо Самарџиев
Првото место го освои „Езерска“, а втората и третата позиција им припаднаа на Влатко Илиевски и Биба Додева
Елена Михајловска
ОХРИД - На 19 издание на „Охрид фест- охридски трубадури“ најмногу позитивни коментари доби летна нумера „Езерска“ , што вооедно се закити со сите можни ловорики на последната Интернационална вечер на фестивалот.
“Песната ја направив за да биде поразлична од се она што до сега сум го правел и да биде поинаква од оној концепт во кој јас овде обично се појавувам“- рече авторот и интерпретаторот Ристо Самарџиев. „Ова е многу питка песна, убава е, има еден весел рефрен, убава боја, која што овој фестивал ја бара. Приметувате- носи убава атмосфера, што ова езеро си ја бара и во неа е еден муабет, зборови кои се многу компатибилни со сето што се случува крај езерото и затоа, велам дека се издвојува од некои работи кои што претходно се случувале на овој фестивал . “
Останатите награди беа поделени по следниот редослед- композицијата „Моја самовила“ од Влатко Илиевски заврши на втората позиција, а третата награда во оваа категорија и припадна на Биба Додева и нумерата „Прашај ме“.
Од вкупно 21 изведена нумера, првата награда од Советот на фестивалот, и припадна на Тања Жагар од Словенија за песната „Вљубена во животот“’ . Композицијата „Јасно е ко ден“ во изведба на Александар Белов го освои второто место од фестивалскиот совет, а Занфина Исмаили од Албанија за песната „ Само минута“ беше третопласирана.
Наградата за најдобар сценски настап им припадна на Устата и Линарес од Бугарија, кои ја изведоа разиграната нумера „Баилла Морена“. Ним им беше доделена и наградата од Фондацијата „М-р Ана Вуковиќ“, која од годинава ја има не фестивалот.
Нина Петковиќ од Црна Гора, за песната „Талас и брод“ ја освои наградата за најдобра интерпретација. Даниејел Стојадиновиќ за песната „Бјежи“, која ја изведе Александра Бучевац, од Црна Гора ја однесе наградата за најдобар текст. Признанието за најдобар аранжман му припадна на Андреа Ланбру за песната „Калидоса“, која ја испеа гостинката од Грција, Иро Илиополу, а наградата „Долни Сарај” отиде во рацете на Сејран од Азеберџан за песната ,,Хала Севиѕорум’’.
И на крај , ќе ја споменеме и наградата со посебна важност- за значаен придонес во македонската музика, што му припадна на Зафир Хаџиманов.
|