24.08.2012, 17:53 Поезијата се слави во Струга
Стиховите на „Т’га за југ“ мошне впечатливо на отворањето ги прочита Ристо Миладинов, правнук на Димитрија Миладинов
Елена Михајловска
Со палење на фестивалскиот оган, со кревање на фестивалското знаме и спектакуларен огномет, пред Домот на поезијата во Струга завчеравечер беше означен почетокот на „Струшки вечери на поезијата“. Оваа најголема светска поетска манифестација, по 51. пат на едно место ја собра елитата на врвните поетските пера од Македонија и од странство.
Свеченото отворање на поетските вечери, со кои Струга секоја година ја слави поезијата, го означија стиховите на легендарната песна „Т’га за југ“, кои Ристо Миладинов, правнук на Димитрија Миладинов, ги прочита мошне впечатливо, автентично, со многу емоции. Тој не го криеше своето задоволство зашто по 48 години, отварањето на фестивалот го означил потомок на семејството Миладинови.
„Песната ’Т'га за југ‘ во рамки на отварањето на фестивалот од 1962 до 1964 ја читал претставник на нашето семејство. Значи, од далечна 1965 година првпат сега мене ми припадна таа огромна чест. Колку е голема гордоста и восхитот, толку е поголема и одговорноста“, рече Ристе Миладинов.
Тој истакна дека неговата возбуда е уште поголема со самиот факт што песната во која Константин Миладинов ги изразува своите чувства за својот роден град Струга, во далечната Москва, претставува и фамилијарна песна за Миладинови.
Свечената манифестација за која беше подготвено впечатливо сценарио, збогатено со млади девојки кои носеа факели и малечки девојчиња облечени како ангели продолжи на сцената во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, каде што годинешниот лауреат Монгани Вали Сероте од Јужна Африка прочита дел од својата поезија.
Свое обраќање пред љубителите на пишаниот збор имаше и шпанскиот поет Хусто Хорхе Падрон, кој го доби „Златниот венец на поезијата“ во 1990 година. Искажувајќи голем број пофални зборови за традицијата на оваа манифестација, тој рече дека Струга е свето место за поетите на светот. „Поетите кои доаѓаат во Струга чувствуваат дека тука има едно неповторливо збратимување на човештвото со природата. Струга е едно единствено име на светот што е татковина, свето место, едно убаво катче за секој поет. Ова е место каде што доаѓаат сите оние што читаат поезија, што мечтаат да ја почувствуваат нејзината музика во своите срца“, рече Падрон.
Тој истакна дека неговата најголема желба е „Струшки вечери на поезија“ да го продолжат својот беспрекинлив континуитет. „Оваа манифестација треба да про��олжи да се одржува со истата вообичаена големина и важност и да остане во спомен на меѓународната култура како вечен симбол на универзалната поезија“, истакна Падрон.
Свое обраќање пред традиционалното поетското читање „Меридијани“ имаше и францускиот поет Франсоа Ксавие-Мегр во чии раце годинава припадна наградата „Мостови на Струга“.
Вчера во рамки на фестивалот се одржа симпозиум на тема „Новите комуникации - закана или перспектива за поезијата“, а беа промовирани поетските книги од едицијата „Плејади“. Беше одржана и промоција на изборот македонска песна меѓу две лета, како и омаж за браќата Миладиновци по повод 150 години од нивната смрт.
Во црквата „Св. Софија“ во Охрид денеска ќе биде претставено творештвото на лауреатот Монгани Вали Сероте, а утре ќе се одржи традиционалниот Меѓународен митинг на поезијата „Мостови“ на кој ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ и „Иселеничка грамота“.
На 51. издание на СВП, покрај 60-ина домашни поети, ќе учествуваат и вкупно 60 поети од Сирија, Индија, Азербејџан, Франција, Куба, Ирак, Мароко. Грција и од многу други земји.
„Браќа Миладиновци“ за Милош Линдро
Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“ ја доби книгата „Основите на небото“ од Милош Линдро. Годинава за неа одлучуваше жири-комисијата составена од: Ристо Ѓ. Јачев, претседател, и членовите Ресул Шабани и Јовица Тасевски-Етернијан, а доделена е за големата вистинска вредност на поезијата и на поетскиот јазик опфатени во книгата.
Ристо Јачев вчера на прес-конференција потенцираше дека наградената книга претставува хетерогено поетско дело и дека песните може да образуваат две идејно-тематски и стилски целини. „Едната целина е составена од песни во кои авторот извршил поетска реактуализација на еден ��д највпечатливите средновековни старословенски апокрифи, додека втората ја образуваат 20-ина песни кои претставуваат идејно мотивско и стилско надоврзување на препознатливиот поетски израз“, рече тој.
Милош Линдро е роден во охридското село Косел, а заблагодарувајќи се за наградата, рече дека се чувствува како стружанец и оти целиот живот ги слушал дијалектните зборови што се застапени во поезијата на Константин Миладинов.
Годинава за наградата „Браќа Миладиновци“ конкурираа 22 поетски книги од 21 автор. Во потесниот избор се најдоа и книгите на: Елена Пренџова, „Пораки од морето“, Иван Џепароски „Грабнувањето на Европа", Петко Дабески „Равенки на стварноста“ и Трајан Петровски „Каде со иднината“. |