24.08.2012, 14:42 Блејк со трета најбрза стотка во историјата
Јамајчанецот истрча 100 м на митингот од Дијамантската лига во Лозана со личен рекорд од 9,69 сек
Јохан Блејк истрча личен рекорд од 9,69 сек. и триумфира во трката на 100 метри на митингот „Атлетисима“ од Дијамантската лига во Лозана. Олимпискиот вицешампион го оствари третото најбрзо време во историјата во трката во која ги совлада Американецот Тајсон Геј (9,83 сек.) и сонародникот од Јамајка, Неста Картер (9,95 сек.). Само тренинг-партнерот и светски рекордер Јусеин Болт има побрзи времиња од него во историјата - 9,58 сек. и 9,64 сек.
Блејк по трката откри дека не бил стопроцентно подготвен и оти е подготвен за дуел со Болт на кој било митинг.
„Бев болен цела недела, но за среќа оздравев навреме. Има уште трки и ќе бидам уште подобар. Би трчал против Јусеин кога било, бидејќи тој ми е тренинг-партнер. Би сакал трка со него, но мора да ги покажат големите пари“, најави 22-годишниот Блејк.
Кога сме кај парите, менаџерот на освојувачот на три олимписки медали го обвини промотерот на „УК Атлетикс“, Јан Стјуарт за „навредливата“ понуда за неговиот клиент да настапи на „Авива Бирмингем гран-при“ в недела и дека само сака да направи платформа за двократниот олимписки шампион и фаворит на британската публика Мо Фарах. Кјуби Сигобин тврди дека бил зачуден од електронската порака што му ја пратил Стјуарт последниот ден на Олимпијада, нудејќи му на светскиот шампион на 100 метри 40.000 фунти за настап во Бирмингем, нешто што „не е ниту блиску“ до вредноста на Блејк. Како втор најбрз спринтер на светот, зад Болт, се верува дека Блејк добива по 150.000 за настап, половина од цената на Болт.
„На овие англиски митинзи постои ниво на ароганција. Тие си мислат дека го имаат Мо Фарах и дека не им е потребен никој друг. Ако сте пријатели со тој менаџер, тогаш твоите атлетичари ќе бидат поканети", вели Сигобин.
Болт во Лозана стигна до лесна победа на 200 метри со време од 19,58 сек., победувајќи ги Холанѓанецот Чуранди Мартина и сонародникот Никел Ашмид во трка во која првите тројца имаа времиња под 20 секунди.
Американката Кармелита Џетер ја доби женската трка на 100 метри, совладувајќи ја олимписката шампионка Шели-Ен Фрејзер-Прајс од Јамајка во трка во која двете имаа време од 10,86 сек. Олимпискиот шампион Ариес Мерит беше дисквалификуван поради погрешен старт во трката на 110 метри со пречки, по што неговиот американски сонародник, освојувачот на среброто од Лондон победи со време од 13.08, пред Дејвид Оливер и Јамајканецот Хансли Парчмент. Кирани Џејмс од Гренада победи на 400 метри со време од 44,37 сек.
|