23.08.2012, 16:11 МЗТ ќе „плови“ по Јадранот со буџет од 700.000 евра
Според одвоените средства за играчите, македонскиот тим 11. во лигата
Дебитантската сезона во АБА Јадранската лига, МЗТ Скопје ќе ја стартува со буџет од 700.000 евра. Според потрошените парични средства на име играчи македонскиот претставник припаѓа на долниот дел од листата на екипи што ќе се натпреваруваат во новата сезона.
Двојниот освојувач на круната во домашното првенство практично е на 11. место, зад него се само екипите на Задар (400.000 евра), Широки (400.00 евра) и Сплит (300.000 евра).
Најголем буџет на располагање има екипата на Цедевита, за формирање на играчкиот состав управата на хрватскиот тим одвоила 3.000.000 евра. Веднаш зад нив со еден милион евра помалку е Партизан.
Во новата натпреварувачка сезона во АБА лигата „црно-белите“ ќе влезат со тим - тежок 2.000.000 евра. На третата позиција во категоризација е Црвена звезда со 1.800.000 евра.
Костурот на МЗТ Скопје главно е составен од репрезентативни имиња и странски засилувања кои настапуваа минатата сезона. Брендон Вуд е единствениот нов странски играч, а според најавите на управата на клубот, најверојатно и последното центарско засилување ќе биде од надвор.
Промоција на комплениот тим пред домашната публика „сино-белите“ ќе имаат на 31 овој месец, кога во салата „Борис Трајковски“ ќе гостува украински Черкаси. (М.К.)
|