24.08.2012, 12:55 Вардар про водеше, па загуби од Барселона
Црвено-црните покажаа две дијаметрално спротивни лица против повеќекратниот европски првак, од кој загубија со 34:25 во третото коло од групата А на ТВ-турнирот во Добој
Вардар про покажа две дијаметрално спротивни лица против повеќекратниот европски првак Барселона, од кој загуби со 34:25 во третото коло од групата А на 44. Меѓународен ракометен ТВ-турнир на шампионите во Добој, Босна и Херцеговина. Освојувачот на СЕХА-лигата и на Купот на Македонија го почна мечот со водство од 8:1, а со предност замина и на одморот, добивајќи го првото полувреме со 15:14. Тимот на Веселин Вујовиќ беше рамноправен и во почетните десет минути од вториот дел, односно до водството на Каталонците од 18:17, по што до крајот на средбата Барса ја оправда улогата на голем фаворит.
Раковиќ со седум гола беше најдобар стрелец кај „црвено-црните“, Марковиќ постигна четири, Маркоски, Петриќ и Карачиќ по три, Прибак два и Јовчевски, Лазаров и Абутовиќ по еден. Голманот Милиќ одбрани десет удари.
Денеска од 12 ч. во Теслиќ вардарци ќе играат во натпреварот за седмото место. (Р.Д.)
|