22.08.2012, 14:48 Суспендирана докторката што „се оглуши“ во Ѓорче Петров
Докторката од здравствената установа Ѓорче Петров која беше на работа кога завчера пред поликлиниката почина пациент денеска е суспендирана од работа.
Министерството за здравство соопшти дека од страна на директорите на поликлиниката е суспендирана Ксенија Мојсовска, распоредена на работното место доктор по медицина која била на работа во времето кога починал пациентот.
- Изјавата на докторката дека согласно член 17 од Законот за здравствена заштита не смее да го напушти работното место во целост е неиздржана и не кореспондира со таа одредба. Во Законот за здравствена заштита никаде не е предвидено дека доктор не смее да ја напушти здравствената установа во која работи. Напротив, Законот за здравствена заштита јасно и недвосмислено укажува на тоа дека секој здравствен работник има обврска за пружање на лекарска помош особено на лице во животозагрозувачка состојба, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Со цел точно лоцирање на одговорноста, беа формирани три независни комисии и тоа на Здравствен дом-Скопје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Министерството за здравство.
Министерството соопшти дека во текот на денешниот ден својата работа ќе ја завршат комисиите на Здравствениот дом-Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, додека Комисијата формирана од Министерството за здравство ќе ја заврши работата по добивањето на резултатите од обдукцијата и патолошките анализи кои се во тек.
Од информациите со кои што располага комисијата формирана од Министерството за здравство, смртта најверојатно настапала како резултат на попуштање на срцевата функција, но од ресорното Министерство потенцираат дека сепак е потребно да се почекаат резултатите од патолошките анализи.
По добивањето на сите податоци, целокупната документација ќе биде доставена до Министерството за здравство, а потоа ќе биде процесирана до Министерството за внатрешни работи за понатамошно постапување.
Министерството за здравство денеска упати и писмо до Лекарската комора од која бара да заседава судот на честа и да утврди дали се исполнети условите за привремено или трајно одземање на лиценцата на докторката. |