21.08.2012, 15:21 СДСМ: ЕЛЕМ и МЕПСО се расфрлаат со пари за луксуз
„Иако цената на струјата два пати се зголеми оваа година и се укина дневната евтина тарифа, сведоци сме како државните енергетски компании – ЕЛЕМ и МЕПСО, секојдневно трошат милиони евра на целосно непродуктивни трошоци. Во време кога поскапувањето им предизвикува огромни проблеми на граѓаните, тие се принудени да гледаат како овие две компании се расфрлаат со пари за луксуз кој нема допирни точки со нивната дејност“, обвини на денешната прес-конференција Атанаско Туневски од СДСМ.
Тој додаде дека ЕЛЕМ секоја година прави милионски трошоци за непотребни рекламни кампањи, а МЕПСО ќе ја украсува управната зграда со лавови и барокна фасада. Тоа е безмилосно трошење за непродуктивни цели, особено сега, кога поскапе струјата.
„Владата му одобри на МЕПСО да влезе во милионска инвестиција во скијачки центри со вештачки снег во Крушево и на Пониква, за што компанијата сигурно ќе потроши уште неколку милиони евра, а дополнително објавува тендери за скијачки терени на „Галичица“.
Не може во време на ваква сиромаштија, кога граѓаните не знаат како ќе ја преживеат зимата, приоритет за директорите на овие државни компании да бидат рекламните кампањи, фасадите и странични експерименти со вештачки снег“, рече Туневски.
СДСМ ја потсетува Владата дека ЕЛЕМ и МЕПСО постојат за да го развиваат енергетскиот систем на државата и да инвестираат во проекти кои ќе ја намалат зависноста од увозот на скапа струја. Ако овие две компании се држеа до својата основна дејност и градеа енергетски капацитети, според СДСМ, струјата во последните години немаше да поскапе до степен до кој станува луксуз за граѓаните.
|