22.08.2012, 16:12 Бензинските на „Макоил“ затворени од Пазарна инспекција
Три бензински пумпи на „Макоил“, една во Битола и две во Скопје, денеска се затворени од Пазарната инспекција со образложение дека навреме не спровеле баждарање. Според сопственикот на „Макоил“, Митко Јованов, уште пред пет месеци од фирмата било поднесено барање за баждарење на пумпите, но тоа се' уште не било направено од страна на инспекторите. Вината за затворањето, според него, е во институциите, кои навреме не извршиле процедурата со баждарењето на пумпите. Затоа Јованов најавува дека ќе поднесе тужба до Бирото за метрологија по чиј налог постапиле пазарните инспектори.
Истовремено, сопственикот на „Макоил“ вчера поднел барање за одјавување од работа на 45 свои вработени од бензинските што ги затвори Пазарната инспекција.
„На 20 април поднесов барање за баждарење и ми беше одговорено позитивно само за една бензинска. На една бензинска беше извршено делумно баждарење, додека на двете, без воопшто претходно да направат увид, инспекторите ги запечатија бензинските“, објаснува Јованов. Тој додава дека нема никакви дополнителни информации од Пазарната инспекција што ќе се случува понатаму со бензинските и кога ќе проработат, но дека знае оти ќе треба да плати казна од 5.000 евра.
Инаку, Јованов во моментов е сопственик на четири катни гаражи во Скопје на различни локации, од кои некои се во почетна, а некои во завршна фаза. Едната е спроти МАНУ, кај „Универзитетска библиотека“ чија изградба е при крај. Потоа, треба да почне со градење онаа кај Стара железничка станица, кај новиот маркет „Веро“, една ќе биде пред МЕПСО, на плоштадот „Македонија“, и една во подземниот паркинг под Собранието. Станува збор за државни парцели кои Митко Јованов ги купил на јавна лицитација. (М.Т.)
|