22.08.2012, 15:38 Владата не е одговорна за поскапувањето на енергенсите
Владата не е одговорна и не е среќна поради поскапувањето на енергенсите, тоа е во целосна надлежност на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Опозицискиот СДСМ упатува обвинувања до Владата за да манипулира и за да добие ситни политички поени.
Тоа го оцени денеска премиерот Никола Груевски.
„Владата ниту ја одредува цената на бензинот, ниту на струјата, ниту на парното. Тоа е во целосна надлежност на Регулаторната комисија за енергетика, како што беше и во времето на СДСМ. Тоа не е сега измислено. Тоа е измислено во минатото и Регулаторна работи по одредени меѓународни правила и формули кои се прифатени во сите држави и истите тие беа прифатени во времето на СДСМ“, рече Груевски.
Според него, обвинувањата од СДСМ, дека Владата поскапела нешто, е само една ситна политичка игра за да им се додвори и да ги изманипулира граѓаните за да добие некој поен.
Тој додаде дека откако е дојдена оваа Влада ниту има зголемување на даноци, туку напротив, има намалување на цените, како она на лековите и на разни други давачки.
За цените на енергенсите, посочи, Владата нема ингеренции, туку Регулаторната комисија која работи по меѓународни правила.
Премиерот додаде дека кога ВМРО-ДПМНЕ биле во опозиција предупредувале оти продажбата на ЕСМ на ЕВН ќе доведе до постојано поскапување на цената на електричната енергија.
„Се сеќавам во тоа време дека јас и моите соработници Чингоски и Тунески што сега е во СДСМ и повеќе други, јасно објавуваме дека продажбата на компанијата неминовно со тек на време ќе води до постојано зголемување на цените на струјата“, укажа Груевски.
|