21.08.2012, 14:59 Рикер не го спомна визионерството на Бесими
Aмериканскиот заменик-помошник државен секретар за Европа денеска се сретна со премиерот Груевски и шефот на дипломатијата Попоски
Односите меѓу САД и Македонија се одлични, Вашингтон останува силен поддржувач на нашата интеграција во НАТО и Европската унија, посетата на Бан Ки Мун може да придонесе за побрзо наоѓање решение за спорот со името, а високиот дијалог со ЕУ е добра шанса за реформите.
Ова, во една реченица се главните пораки што заменикот помошник државен секретар Филип Рикер ги упати денеска на своите соговорници во Македонија за време на својата втора посета на земјава откако е на оваа функција. Агендата на Рикер е многу долга, бидејќи на неа се средби со високи функционери, политички лидери, бизнисмени со кои ќе се брифира за состојбите во земјава, до 25 август кога си заминува од Скопје. Иако денеска имаше обиди неговата посета да се стави во контекст на некаква владина криза, или подобро во функција на политичките препукувања на домашната политичка сцена, официјално никој не потврди дека такво нешто се случува. По средбата со премиерот Никола Груевски, Рикер само ги нафрли темите без да даде деталји.
„Му честитав на премиерот Груевски за работата што Македонија ја врши во однос на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската унија. САД силно ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, што е и наша политика во однос на Македонија и на целиот регион за кој сум одговорен во Стејт департментот. Очигледно Пристапниот дијалог на високо ниво е добра можност да се продолжи со работата на реформите во важни области како владеење на правото, слобода на медиуми. Тоа се важни прашања кои ние сме ги дискутирале повеќе пати и ќе продолжиме да ги покренуваме. Реформскиот процес е добра можност и затоа го охрабруваме прогресот во таа насока“, изјави Рикер.
Шефот на дипломатијата Никола Попоски му изнел аргументи на американскиот гостин дека Македонија веќе заслужува членство во алијансата и го информирал за настојувањата од наша страна да се обноват преговорите за спорот за името со Грција, односно дека Македонија е конструктивна и проактивна. Рикер пак реплицирал со оценката дека неодамнешната посета на генералниот секретар на ОН и неговите пораки може да придонесат кон што поскоро изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за името. По средбите никој не извести дали било отворено и прашањето за „визионерството“ на Фатмир Бесими, а новинарите не можеа да прашаат бидејќи не им беше дадена таква можност.Попладнето Рикер имаше средба и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
|