14.08.2012, 17:39 СДСМ бара од Владата мерки за ублажување на ценовниот шок
Владата привремено да се откаже од дел од акцизата на нафтените деривати за да се намали цената на бензините, предлага опозицијата
СДСМ предлага Владата привремено да се откаже од дел од акцизата на нафтените деривати за да се намали цената на бензините. Вака вчера реагираше опозицијата по најновиот скок на цената на бензините и нафтата и побара од Владата да ги преземе сите механизми што ги има на располагање за да влијае врз цената на нафтените деривати и струјата.
„Бидејќи сегашната цена на бензините е повисока од онаа што ја предвидуваше Владата кога го планираше буџетот за оваа година, таа сега од бензините има екстра-приходи што не ги планирала“, на вчерашната прес-конференција појасни потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски.
СДСМ, исто така, бара да престанат и непродуктивните трошоци на државните енергетски компании – МЕПСО и ЕЛЕМ и сите ресурси да се насочат кон поголемо домашно производство на струја за да се избегне увозот на скапа струја и да се создадат услови за поевтинување на струјата.
На предлогот на опозицијата реагираше ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека за поскапување на цената на струјата е виновна приватизацијата на ЕСМ која ја направила СДСМ. Уште тогаш оваа партија била против распродажбата и укажала дека ќе дојде до поскапување на цената на струјата за два-три пати.
„Наместо празните прес-конференции, Јовановски нека отиде кај своите сопартијци да му одговорат зошто СДСМ тогаш не размислуваше дека со приватизацијата на ЕСМ ќе предизвика загрозување на стандардот на граѓаните, дека ќе дојде до поскапување на цената на струјата, а со тоа и поскапување на храната и лебот“, велат во ВМРО-ДПМНЕ.
А за поскапувањата на бензините, во ВМРО-ДПМНЕ велат дека се последица на цените на нафтата на свестките пазари, на кои не може да влијае Владата.
Дали СДСМ ќе учествува на протестите против поскапувањата, Јовановски не одговори дирекно, туку само рече дека поскапувањата веќе не прашуваат за партија, за етничка припадност и тие се последица на лошата политика на актуелната власт на која и' укажуваат што да преземе за да го ублажи ударот врз населението. „Поскапувањата до тој степен го прават неиздржлив животот на граѓаните што е сосема разбирливо граѓаните да го изразат својот револт на протест“, додаде Јовановски.
|