14.08.2012, 18:18 Ахмети сам ги дуваше свеќите
Го направија детето, а сега го гледаат како копиле, смета Бучковски за игнорантниот однос кон прославата на Рамковниот договор
Горан Адамовски
Владо Бучковски беше единствен висок функционер од 2001 година што се појави завчеравечер на прославата од 11-годишнината на Рамковниот договор. Како и секогаш облечен во елегантен костум, беше меѓу првите што се појави во Музејот на современата уметност на скопско Кале. Улогата на домаќин, иако неформален, во изминатите години ја има ДУИ. Другите партии, особено од власта, се однесуваа како гости, па испратија претставници колку да му стиснат рака на Али Ахмети, кој беше небаре славеник на роденденска забава. Како што беше најавено, на свечениот прием ги немаше премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорѓе Иванов, како и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Практично, од потписниците на Договорот во Охрид немаше никого, оти и Љупчо Георгиевски е на одмор во Азија.
„Изгледа многу чудно, но оние што го создадоа Рамковниот, односно оние што го направија детето сега се однесуваат кон него како кон сираче“, директен е поранешниот премиер и министер за одбрана, Владо Бучковски.
Тој вели дека ДУИ си го присвои и му организира родендени, иако пред 11 години не учествуваше ниту во подготвувањето на Договорот.
„Тие што го создадоа сега бегаат од него од различни причини. Тоа не е добро, уште повеќе што во 2005 година добивме кандидатски статус за ЕУ и бевме пред вратите на НАТО, благодарение и на успешното градење на тој договор. Но, тоа е нашата реалност“, констатира Бучковски.
Неговите партиски колеги седеа на другиот дел од свечениот хол. Потпретседателите Гордан Георгиев и Зоран Јовановски и секретарот Андреј Петров беше тројката на СДСМ, која дојде на приемот, во отсуство на лидерот Бранко Црвенковски, кој летува во Хрватска. Се поздравија со вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери, кој практично ги пречекуваше сите гости. Малку по тројката од СДСМ, дојдоа Светлана Јакимовска, Силвана Бонева и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаше објективно објаснување дека поради летни одмори, не дојдоа премиерот и претседателот. Зошто не дојде претседателот на СДСМ, ќе го прашате него. Во секој случај, тоа не го намалува значењето на Рамковниот договор. На прославата дојдоа дипломатските претставници во земјава, а можевте да го слушнете и ставот на САД и на ЕУ“, смета портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
На Кале дојдоа и министрите Никола Тодоров, Никола Поповски и вицепремиерот Владимир Пешевски, преставници на дипломатскиот кор и, секако, речиси целиот врв на ДУИ, министрите од нивните редови и голем дел од членството. Додека се слушаа звуци од класична музика, траеше приемот. Во протоколарниот дел беше предвиден единствено говорот на Џафери, кој зборуваше на албански јазик, а превод имаше на македонски и на англиски јазик (освен поздравите, кои ги кажа на трите јазици). Тој истакна дека Охридскиот договор беше и останува најважна инвестиција за мирот и стабилноста на нашата држава, инвестиција која не само што доведе до прекин на конфликтот туку ги изгради и темелите на едно ново општество и подобра иднина за сите што живеат во Македонија.
„Компромисот постигнат пред 11 години е основа на соживотот, гаранцијата и напредокот на нашето општество. Затоа, суштинскиот показател дека Охридскиот договор ја исполнил својата главна цел е зачленувањето на државата во НАТО и во ЕУ. Испраќаме порака до сите фактори, и домашни и меѓународни, за едно соединето партнерство во правец на исполнување на оваа цел“, истакна Џафери.
Според него, Рамковниот договорот е процес на демократизација на општеството во Македонија, како основна вредност на развиените земји и како предуслов за продолжување на евроинтегративните процеси во Република Македонија. Токму поради ова овој процес не е завршен, бидејќи демократизацијата на општеството нема граници“, рече вицепремиерот.
Рамковниот договор, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија, беше потпишан на 13 август 2001 година во тогашната претседателска резиденција на Водно од страна на претседателот на Македонија, Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љупчо Георгиевски, претседателот на П��П, Имер Имери, претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, и претседателот на ДПА, Арбен Џафери. Потписници на Договорот, во својство на гаранти, се и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.
|