05.02.2012, 11:47 Убедлива победа на Мит Ромни во Невада
Поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни победи на републиканските прелиминарни избори во Невада, освојувајќи околу 44 отсто од гласовите, со што далеку зад себе го остави својот главен противкандидат Њут Гингрич, кој доби поддршка од околу 25 проценти.
Победата на Ромни, откако претходно триумфираше и на Флорида, му дава голема предност пред останатите републикански избори кои ќе се одржат во текот на месецов.
Гингрич изјави дека нема да се откаже од кампањата за прелиминарните избори.
- Јас сум кандидат за претседател на САД. Јас ќе бидам кандидат за претседател на САД, изјави синоќа Гингрич во Лас Вегас.
И покрај големиот пораз на Гингрич во Невада, тој истакна дека „мнозинството републиканци во оваа земја ја сакаат алтернативата на умерениот од Масачусетс“.
Ромни синоќа во својот победнички говор нагласи дека е дојден моментот во кој американскиот претседател Барак Обама треба да престане да им се извинува на сите поради политиката на САД, туку извинувањето треба да им го упати на граѓаните на Америка поради политиката која ја води.
|