Добра бизнис-соработка меѓу Македонија и Косово
Бизнисмените од Македонија и од Косово треба да ја зајакнат меѓусебната соработка преку воспоставување директни контакти. Ова беше дискутирано на вчерашниот македонско-косовски бизнис-форум што се одржа на барање на косовската агенција за промоција и инвестиции.
На целодневната средба што ја отворија министерот за економија Фатмир Бесими и косовскиот министер за трговија и индустрија Љутви Жарку, присуствуваше и заменик-министерот за трговија и индустрија Јануз Кастрати, како и по триесетина компании од Македонија и од Косово од трговијата, прехранбената, преработувачката, дрвната, металната и градежната индустрија. „Денешната средба е еден чекор напред во нашите определби за зајакнување на бизнис-соработката во регионот, конкретно меѓу Македонија и Косово, со кого имаме договор за целосна слободна трговија, а лани се потпиша и договор за економска соработка“, изјави Бесими, додавајќи дека по вчерашниот состанок се очекуваат и конкретни договори меѓу фирмите.
Според косовскиот министер Жарку, македонските компании се најприсутни во Косово. (МИА) |