Еврото во грчка драма. Шпанија е следна?
„Стандард и Пурс“ го спушти и шпанскиот рејтинг, а таа е преголема економија за да може да се спаси
Драмата што се случува во Грција веќе сериозно ја потресува Европа. Откако го снижи португалскиот, рејтинг-агенцијата „Стандард и Пурс“ го намали и кредитниот рејтинг на Шпанија. Ваквата вест ги затвори европските берзи две минути пред крајот на тргувањето. Кризата е уште пострашна, ако се знае дека шпанската економија е четири пати поголема од грчката, со што, всушност, е преголема за да се спаси. „Шпанија е голема грижа за повеќето инвеститори, бидејќи претставува 8,5 отсто од европскиот БДП, додека Грција сочинува помалку од 2 процента, а Португалија помалку од 1,5 проценти“, изјави Сем Стовал, главен финансиски аналитичар на „Стандард и Пурс“.
Над еврото, кое досега важеше за една од најмоќните валути, сега се надвиснати огромни закани. Вчера тоа достигна рекордно ниска вредност од 1,312 долари. На еврото не успеа да му помогне ни тоа што Германија, инаку нерасположената за помош, вети дека итно ќе го одобри пакетот за спас, под услов Атина да се согласи на строго штедење.
Еврокомесарот за економски и монетарни прашања, Оли Рен, вчера на вонреден прес вети дека преговорите за условите и размерот на помошта, која ќе биде одделена за Грција, ќе завршат во најскоро време. Тој рече дека експерти на ЕК, ЕЦБ и ММФ деноноќно работат со претставници на грчката Влада за да се прецизираат условите за укажување помош на Грција. Според него, програмата за поддршка на Грција ќе биде повеќегодишна. Главната цел е Грција да биде вратена на патот на стабилниот раст, што е од исклучителна важност како за земјата, така и на останатите во еврогрупата. Оли Рен, исто така, истакна дека во моментот се прават анализи на финансиската состојба и на други земји во еврогрупата, бидејќи нивната добра состојба е „од апсолутно важно значење за обновувањето од економската криза и обезбедување поголем број работни места во ЕУ“.
„Стандард и Пурс“ се загрижени и за други држави, како што се Италија и Ирска. „Најголемата грижа на инвеститорите е дека ќе следат и други земји, како што се Италија и Ирска. И тие имаат висок буџетски долг. Но, ништо не е сигурно и засега инвеститорите се фокусираат на трите земји на кои веќе им ги симнаа рејтинзите“, додаде Стовал.
И додека инвеститорите се во паника, речиси сите релевантни светски фигури буквално се на нозе во обид како да се спаси Грција и нејзината криза да не ги повлече со себе и другите европски економии. Како што пренесува Дојче веле, во Берлин завчера бил ден на вистината, за вистинскиот долг во кој е западната Грција, но и за износот што треба да го оддели Германија за нејзин спас, а со тоа и за спас на еврото.
Бројките се драматични. За три години на Грција ќе и' требаат 135 милијарди евра, од кои 25 се на товар на Германија. Првите луѓе на ММФ и на Европската централна банка, Доминик Штрос Кан и Жан Клод Трише, во директни разговори со канцеларот Ангела Меркел, министри и парламентарци кажаа дека нема време за чекање и кредитите треба најургентно да стигнат до Грција.
Практично, до 19 мај, последниот рок пред колапсот, и' треба итна помош од 9 милијарди евра. Затоа и првиот човек на ММФ, Доминик Штрос Кан, побара што побрзо одобрување на кредитите од страна на Германија. Тој додаде дека секој изгубен ден ја влошува ситуацијата и ќе донесе натамошни последици не само за еврорегионот туку и пошироко.
Како што најави министерот за финансии на Германија, Волфганг Шојбле, се очекува веќе в недела да ги има конкретните бројки и мерки, а со тоа и договор. Под овој услов германската влада ќе реагира брзо, најави Шојбле. В понеделник ќе се донесе предлог-законот за неопходните кредитни гаранции, и по итна постапка за него би требало да се изјаснат пратениците во Бундестагот, по што би следело усвојување.
Притоа, претседателот на германската емисиона Бундесбанка, Аксел Вебер, се искажа „за“ привремена помош на Грција, но само како „апсолутен исклучок“. „За во иднина работите воопшто да не можат да дојдат дотаму, како централна поука мораме значително да ги заостриме правилата на играта во финансиската политика во ЕУ“, вели Вебер, кој е и член на Советот на Европската централна банка.
Се очекува Европската комисија на 12 мај да предложи најголеми измени во координацијата на економските политики меѓу земјите-членки на ЕУ од појавувањето на заедничката европска валута. Меѓу другото, ќе биде предложено создавање „траен механизам за решавање на кризите“, со цел навреме да се откријат проблемите со кои денес се соочува Грција, а со неа и останатите членки од еврозоната. „Фајненшл тајмс“ претходно предупреди дека земјите од еврозоната премногу долго размислуваат околу помагањето на Грција и ја развлекуваат тамошната должничка криза, ризикувајќи нејзино опасно ширење врз другите земји-членки, како и врз целата Европска унија.
Грчкиот премиер, пак, Јоргос Папандреу, вети коренити промени и побара од европските партнери да не оставаат „еден мал оган, една искра, да излезе надвор од контрола и да се претвори во закана за еврозоната“.
Папандреу повика и на разумни услови при отпуштањето кредити за Грција. „Владата применува една мошне амбициозна програма, буџетот се имплементира нормално, напорите даваат резултати. Грција сака внимание за нејзините напори и време, кое во крајна линија се покажа како најскапото нешто во оваа криза“, изјави Папандреу на средбата на „Економист“. Папандреу појасни дека грчката Влада е подготвена да преземе „болни“ мерки и да изврши длабоки структурни промени во однос на институциите и економијата на земјата за излез од кризата.
Министрите за финансии, пак, од Групата 20, вчера почнаа консултации за тешката финансиска криза во Грција. На средбата ќе се разгледува варијантата како од фондот резерви што беше договорен за најсиромашните земји, дел од тие пари, односно 200 милијарди долари, да им се доделат за Грција, за Португалија и за Шпанија, чии кредитни рејтинзи се намалија во текот на неделава.
За кризата во Грција се заинтересира и американскиот претседател, Барак Обама. Тој со германскиот канцелар Ангела Меркел разговарал за кризата, при што се договориле да ја повикаат Атина на „решителна акција“ во справувањето со овој проблем. Претходно, Обама изрази загриженост за должничката криза во Грција и оти неговата администрација е во контакт со Европа за на��минување на овој проблем.
(Според агенциите) |