15.03.2009, 17:18 Евидентен подем на македонскиот роман
Жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за наградениот роман и за годинешната продукција
Невена Поповска
Деновиве и официјално беше објавен добитникот на наградата „Роман на годината“ која е врсник со весникот и која годинава се доделува по десетти пат. „Индиго Бомбај“ од Јагода Михајловска-Георгиева, издание на „Три“, е десеттиот роман што се закити со високото литературно признание, кое до денеска не само што прерасна во традиција туку и се институционализира. Наградата ја додели жири-комисијата во состав: Блаже Миневски, Методија Фотев, Ангелина Бановиќ-Марковска, Ким Мехмети и Ѕвездан Георгиевски. Во продолжение ќе ги презентираме нивните ставови за наградениот роман, романите кои влегоа во најтесен круг за наградата, како и за годинешната продукција воопшто.
Во најтесниот круг влегоа три сјајни романи
За Блаже Миневски, претседател на жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“, „во годинашната конкуренција за „Роман на годината“ беа пријавени 35 романи, што веројатно е речиси комплетната годишна продукција на овој жанр во Македонија. Се издвоија сериозните наслови, а во нив, за жал, според принципот на тајно гласање со елиминација на оние дела кои добиваат најмалку гласови, отпадна инвентивниот роман „Скок во сингл живот со отворени очи“ на Јована Огненовска, кој на еден духовит начин се поигрува со купиштата книги што на разни начини советуваат како да се живее успешно. Исто така, подоцна, по првата селекција отпаднаа уште два-три романи кои сигурно имаат свој квалитет и свои читатели, а меѓу нив посебно би сакал да го издвојам романот „Џелатот“ на Иван Чаповски кој зборува за еден нов момент во таканаречената егејска тема, односно за распадот на семејството и поделеноста на тројцата крвни браќа, кои, по свој избор или насила, завршуваат на три страни, како Бугарин, Грк и Македонец. Според истиот принцип на тајно гласање без претходна дискусија во вториот круг отпаднаа романите на Петре Бакевски, Братислав Ташковски, Трајче Кацаров и Влада Урошевиќ. Станува збор за квалитетни романи што заслужуваат посебно внимание, како според темата што ја третираат, така и според стилско-композициските иновации кои не се само некаква наративна егзибиција туку длабоко осмислена, зрела авторска постапка. Токму поради квалитетите што ги имаат овие значајни дела на наши истакнати писатели, треба да се каже дека барем два од нив не влегоа во најтесниот круг само за еден или два гласа.
И, конкретно, овде, со посебно задоволство, се разбира, сакам да констатирам дека во најтесниот круг за избор на „Роман на годината“ на „Утрински весник“ влегоа навистина три сјајни романи, кои, секој за себе, и сите заедно, претставуваат потврда на евидентниот подем на македонскиот роман во последните дваесеттина години. Се разбира, секој од нив носи свој авторски белег, но истовремено сите заедно, на ниво на метафора, пред се, третираат една би се рекло заедничка тема - темата на душата, односно нејзиното раслојување или „фрактура“, како и нишките низ се преплетува во еден ткаеж на женски души во разбојот на животот и смртта, љубовта и тагата, среќата и несреќата. Секако, станува збор за романите „Помеѓу“ на Ирена Јорданова, „Индиго Бомбај“ на Јагода Михајлоска- Георгиева и „Жените Гаврилови на Кица Барџиева-Колбе. Она што ги обединува овие три романи е третманот на душата љубовта, се разбира од различен агол, но во рамките на еден доминантен наративен триаголник. Имено, во сите три романи, структурата на приказната е триаголник чии агли се три носечки лика. Во „Индиго Бомбај“ тоа се Ана- Бистарај-Гаруда, во „Жените Гаврилови“ тоа се Вера-Лина-Демијана, а во „Помеѓу“ тој триаголник го составуваат Марија - Горазд - Јанес.
Бројката не гарантира квалитет, но квалитетот најчесто се крие во бројноста
„Како член на Комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“, вели Методија Фотев, од излезените од печат во минатата година, можам да кажам, едногодишна продукција од 35 романи, за помалоброен народ од два милиона граѓани, е просек со каков би биле задоволни и средини со поразвиена литерарна традиција. Знам, бројката не гарантира квалитет, но квалитетот, најчесто се крие во бројноста.
Темите се разновидни и вака или така, најмногу за човекот, како што е секаде во светот каде што се печати успешна проза - поинаку не може да се создаде успешна проза. Изненаден сум убаво од авторите, навистина од повеќемина, од тие кои ликовите од романите ги „донесуваат пред читателот“ како суштества обликувани од мајстори и познавачи на човековата психа и човековата судбина кога личноста е кинисана по патот кој го трасира авторот. И тука, кај повеќемина автори, се јавуваат пукнатини. Ја губат консеквентноста (доследност, верност, непоколебливост во својот наум или потфат) во продолжувањето на текстот, ликовите се престоруваат личности кои не прилегаат на себе од претходниот дел од книгата. Ти се чини збор е за други, папсани, изгубени и бескрвни личности. Но, ова мора да го помине до успехот секој автор на прозата па и на поезијата.
Годинава се среќаваме со неколку недопирливи теми до сега, или некои ретко допирливи. И тоа на места восхитувачки водени, но на поголем простор тие теми се топат во еден вид неотпорност, а би рекол повеќе е нерешителност или страв да не би, да се откријат премногу пред некој предупредувач во себе самите. Ете тоа е исто така сигурниот пат кон успехот во прозата. Но, забележителен број романи, ве уверувам, ќе ги читате со убаво чувство во себе.
И оваа година нашите автори-жени, успешно ближат кон своја доминација. Излегува, се покажуваат издржливи маратонци. Им честитам.
Жените од овие простори отсекогаш биле вклучени во создавањето на уметноста
Ангелина Бановиќ-Марковска вели: „Интересна и охрабрувачка е констатацијата дека на годинешниов конкурс за „Роман на годината“, последниот круг им припадна на жени писателки како фаворитки за престижната награда на Утрински весник. Три амбициозни и храбри дами – две како веќе докажани авторски имиња: Кица Колбе и Јагода Михајловска-Георгиева и едно ново име во подем, Ирена Јорданова – преку потребата да раскажат, секоја на свој начин (филозофски, сензибилен, провокативен) една единствена „herstory“, отвораат важни и несекојдневни теми во нашата литература градејќи ја македонската визија за културната политика на родот и класата потврдувајќи ја, по кој знае кој пат, тезата дека жените од овие простори отсекогаш биле вклучени во создавањето на уметноста, во нејзиниот ткаеж. Трагајќи по идентитетот и субјективитетот на женските ликови од своите романи, свежи, динамични, храбри во изразот и во стилот, овие авторки говорат за хибридни родови и култури, за општочовечки, наднационални и постколонијални теми со видлив усет за актуелноста на мигот, но и за минатото во чие ехо се' уште живееме. Преку суштински различни облици на изразување – не вклопувајќи се можеби во најконвенционалните норми за убавина – тие идентификуваат една специфична етика и естетика градејќи го текстот како криптограм на своето тело со неизбришливата и вечна трага на отсутниот друг... Јасен сигнал дека наредниве години македонскиот роман ќе станува се' поинтересен...“
Пристигнуваат млади врвни прозаистки
Ким Мехмети, пак, признава: „Јавно признавам: како ’машки шовинист‘ по творечко убедување, значи како творец кој верува дека мажите се тие што творат големи дела, членувајќи во жирито за избор на „Роман на годината“ на „Утрински весник“ со тешко срце, но со цврста увереност во непобитната вистина, морав да го прифатам фактот дека дамите творци се тие што ја обележале прозната продукција на македонското творештво во 2008 година. Јагода Михајловска – Георгиева со романот „Индиго Бомбај“ и Кица Б. Колбе со „Жените Гаврилови“ потврдуваат дека се авторки кои пространото „платно“ наречен роман, знаат да го „навезат“ онака како што можат само вистинските мајстори на прозата. Со својот роман „Помеѓу“, Ирена Јорданова најавува дека во македонското творештво пристигнала врвна прозаистка, која нема да биде некаде помеѓу едните и другите, туку меѓу најдобрите. Оттука, кога на овие три романи - според мене најдобри во годинешната продукција во 2008 - ќе се придодадат и романите на Братислав Ташковски и на Трајче Кацаров, тогаш несомнено дека мината година може да се оцени како богата и според продукцијата и според квалитетот.
Приказна за човекот
„Иако десетгодишното искуство на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, покажува дека македонската романсиерска п��одукција во последните години има завидно ниво од 30 - 40 наслови, сепак и годинава останав збунет од фактот што на конкурсот се пријавија дури 35 наслови. Тежината на работата на членот на жири-комисијата не е само во тоа што треба да ги исчита овие книги, туку повеќе во неговиот претпоставен „божји“ карактер – да одреди кој роман е најдобар, односно кој роман е подобар од другиот, а пред се да споредува работи кои се речиси неспоредливи.
И годинава, како што беше случај во последните неколку години, лауреатот на конкурсот, романот „Индиго Бомбај“ на Јагода Михајловска - Георгиева (издание на „Три“) беше изгласан со мнозинство гласови, што не значи дека жири-комисијата имаше несогласувања на ставовите, туку повеќе значи дека во македонската романсиерска продукција, освен квантитетот, се појавува и сериозен квалитет, при што многу тешко може да се оддели еден роман од друг. Жирито на крајот се двоумеше меѓу романите на три писателки („Помеѓу“ на Ирена Јорданова и „Жените Гаврилови“ на Кица Б. Колбе), но наспроти нивните квалитети сметам дека вреди да се споменат и романите на Бакевски, Урошевиќ, Коцаров, Кујунџиски… кои во некоја друга констелација, во некоја друга конкуренција и со некое друго жири, веројатно ќе стигнеа подалеку.
Сепак, романот „Индиго Бомбај“ е една возбудлива приказна, ретко видена во македонската литература, пишувана вешто и чисто, зрело и свежо… Откривањето на новите светови не е географска константа, тоа е согледување на севкупната идеја наречена човек. Ако можам со една реченица да го формулирам романот на Георгиева, тоа е, значи, роман за откривањето на човекот. Во нас и во другите“, посочува Ѕвездан Георгиевски. |