15.03.2009, 17:24 Бољшој театар може да остане затворен до 2013 година
Познатиот руски театар Бољшој може да остане затворен до 2013 година, бидејќи големите зафати кои беа преземени за неговата реконструкција и обнова, кои и онака доцнат, би можеле дополнително да се продолжат, вели раководителот на проектот, Никота Ангин. „Мислам дека обновата на Бољшој нема да биде завршена до 2011 година, подвлекува Ангин, што е во спротивност со постојните официјални рокови за завршување на обновата. Со оглед на тоа дека првата фаза на зајакнување на темелите на зградата завршува во текот на 2007 година, обновата ќе биде завршена во 2013 година“.
Темелната обнова на Бољшој, кој беше мошне руиниран и во тешка состојба, почна во 2005 година и би требало да чини 700 милиони долари. Завршувањето на обновата беше предвидено за 2008 година, потоа рокот беше поместен за една година, а потоа за уште две години. Моментно се проценува дека трошоците за обнова вкупно ќе изнесуваат околу една и пол милијарда долари.
Во текот на изведбата, освен оштетувањата на фасадата и потпорните столбови, градежните инженери сфатиле дека три четвртини од зградата, вклучувајќи ги темелите, наполно се нестабилни, што дополнително ја искомплицирало реставрацијата.
Инаку, за време на обновата Бољшој е затворен. (К.Р.)
|