16.10.2012, 13:27 Kампања за помош на сиромашните и гладните
Од денеска до средината на ноември во организација на Црвениот крст на Град Скопје и општинските организации ќе се спроведува кампања која има за цел да се покрене мислењето на јавноста за сиромаштијата, а по повод Меѓународниот ден на сиромаштијата и гладта.
- Целта на денешниот настан овде пред Спомен куќата на Мајка Тереза е да се одбележи овој ден и да се сензибилизира и разбуди целокупната нација. Само така, заеднички може да се бориме против овој проблем, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој присуствуваше на почетокот на кампањата.
Ние како Влада, рече, сме многу чесни и искрени во нашите намери во ниту еден момент не се плашевме да се соочиме со фактот дека постојат граѓани на кои им е неопходно не само да добиваат социјална помош, туку да добијат и бесплатна храна. Поради тоа, додаде, досега во Македонија се отворени 41 народна кујна.
- Ќе продолжиме и натаму да се соочуваме со овие проблеми без во ниту еден момент да постои сомнеж дека ќе бегаме од директното решавање на проблемите. Тоа е единствениот правилен начин на кој може да им се помогне на граѓаните. Ваквите настани, ваквата поддршка од Цевениот крст, од заедницата и граѓаните, убеден сум дека ќе вродат со плод, а бенефит ќе имаат најсиромашните, рече Ристовски.
Тој информира дека податоците на Министерството со кое раководи покажуваат оти во моментов во Македонија 39 до 40 илјади семејства се корисници на социјална помош, а околу 3.900 се корисници на услугите на народните кујни. Додаде дека има намалување на бројот на корисниците на социјална помош во однос на минатата година за приближно 17 проценти.
Секретарот на Црвен крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауноска истакна дека кампањата што ќе се спроведува во 189 држави во светот има единствена цел до нејзиното завршување во средината на ноември годинава да се соберат од 1.000 до 2.000 прехранбени пакети, со кои ќе им се помогне на семејствата кои се во послаба економска состојба пред почетокот на зимата.
- Годинава има голем одѕив од страна на компаниите и институциите. Не радува фактот што за многу кратко време општестената свест се подигна на многу високо ниво, рече Тунева Пауноска.
Кампањата во Мкаедонија ќе ја спроведуваат Црвениот крст на Град Скопје и 35 општински организации на Црвениот крст на територијата на целата држава. |