15.10.2012, 16:04 Протестираа вработените во ОХИС
Над 500 работници на ОХИС денеска протестираа пред Владата, како мнозински сопственик на фирмата, барајќи таа да најде начин за исплата на нивните задоцнети 14 плати. Дополнителен револт кај вработените предизвикала веста за наградувањето на надзорниот тим на компанијата во време кога таа пропаѓа. Според министерот за економија, Ваљон Сарачини, Владата ќе побара отчет по кој основ и за што точно се доделиле парични награди.
Според претставници на синдикатот на ОХИС, вработените веќе не веруваат дека преку тендерска продажба на фирмата воопшто ќе се реши нивниот статус, односно дека ќе се појави заинтересиран купец за овој загубар и добар дел од нив се подготвени да заминат од работа ако им се обезбеди добар социјален пакет.
Досега пропаднаа сите обиди на Владата за наоѓање стратешки партнер за оваа хемиска компанија. А, по пропаѓањето на последниот, осми по ред тендер за продажба на ОХИС, неофицијално се споменува дека за купување на компанијата се заинтересирани две странски компании, од Швајцарија и од Бугарија, кои наводно ќе се јават на последниот, деветти јавен повик, кој завршува на крајот од октомври.
Инаку, ОХИС минатата година пријави загуби од 13,4 милиони евра, а тој е во групата последни државни компании - загубари, заедно со охридски ЕМО и прилепските „Тутунски комбинат“ и „Еурокомпозит“. (М.Т.) |