15.10.2012, 09:45 Литванско „не“ за нова нуклеарка
Литванците масовно се огласија против изградба на нова нуклеарна централа во земјата.
Литванските граѓани со право на глас вчера истовремено со учеството на парламентарните избори, учествуваа и на консултативниот референдум, на кој единственото прашање беше „Ја поддржувате ли изградбата на новата нуклеарна централа во Република Литванија?“.
Со „не“ одговорија 61,75 проценти од учесниците на референдумот, а 34,75 проценти гласаа со „да“, покажуваат делумните резултати, објавени од Централната изборна комисија.
На референдумот учествувале над 50 проценти од регистрираните гласачи, што е неопходен услов резултатите да бидат признати за валидни.
Проектот за изградба на нуклеарна централа во Визагинас беше разработен со цел да се замени реакторот „Игналина“, кој беше сопрен во 2009 година во согласност со ангажманите на Литванија за приклучување кон Европската унија во 2004 година. Проектот, кој од Парламентот беше одобрен ова лето, е предвидено да биде реализиран заедно со соседните земји Летонија и Естонија.
Левичарската опозиција победи на изборите во Литванија
Опозициската Лабуристичка партија освои најмногу гласови, односно 22,67 отсто на парламентарните избори во Литванија, покажуваат делумните резултати објавени од Централната изборна комисија.
По неа следи Социјалдемократската партија со 19,58 отсто од гласовите, што е еден убедлив знак на победа на левичарската опозиција во оваа балтичка земја.
Се очекува дека лидерот на социјалдемократите Алгирдас Буткевичиус, поранешен министер за финансии, ќе стане премиер на коалициската влада со лабуристите.
Станува збор за податоци на Централната изборна комисија од 1.237 од вкупно 2.017 избирачки места, со регистриран одѕив на гласачите од 50,8 отсто, на изборите кои се одржаа вчера.
Владејачката Конзервативна партија, која владееше со земјата во изминатите четири години, освои 12,81 отсто од гласовите. но се очекува тој процент да се зголеми, бидејќи пребројувањето на гласовите се уште трае во големите градови, во кои конзервативците традиционално ја имаат поддршката ја избирачите. |