16.10.2012, 12:32 Од идната година МЕПСО ќе отвори пазар на струја
Македонија од почетокот на наредната година ќе формира пазар за тргување со електрична енергија на дневна основа за размена на енергија меѓу балансните групи. Пазарот ќе го организира МЕПСО во согласност со Законот за енергетика, како втора фаза од либерализацијата на енергетскиот сектор.
Токму потребата за форирање на место за тргување е причина за посетата на експертски тим од Македонскиот електро-преносен систем оператор на Маркет операторот БОРЗЕН и Берзата на електрична енергија БСП Соутх Поол од Словенија, земја со сличен конзум како Македонија.
Во Љубљана претставниците на МЕПСО во пракса имаа можност да ги прошират знаењата за организација на пазарот за електрична енергија, за модалитетите на тргување, за продуктите кои се тргуваат на словенечкиот пазар, за реализацијата на тргувањето и за порамнувањата и деловните односи меѓу учесниците на пазарот.
За време на посетата на БСП тие можеа во живо да го следат тргувањето на пазарот за тргување „ден однапред“ со електрична енергија (day-ahead market), а им беше презентирана и организацијата на денот, мечување на понуда и побарувачка, клиринг и организација на порамнување трансакции.
- Формирањето на Берзата за електрична енергија практично доведе до стабилизирање на цената на струјата на словенечкиот пазар за крајните потрошувачи. Цената од 2007 година, кога целосно беше либерализиран пазарот на електрична енергија во Словенија, порасна само за незначителни процент до два. Дури и годинава во февруари во екот на енергетската криза цената на Берзата беше релативно стабилна и достигна до 85 евра просечно со пик од само 103 евра, рече Анже Предовник, помошнкот на генералниот директор на БСП.
Тој посочи дека соработката со Италијанската берза на електрична енергија за БСП значела подобрување на ликвидноста, но и добивање на знаење.
Отворениот пазар на електрична енергија придонесе во Словенија да има пет дистрибутивни компании и осум до девет снабдувачи со електрична енергија.
- Тоа во пракса им овозможува на домаќинствата секој месец да можат да ја менуваат дистрибутивната компанија која ги снабдува со електрична енергија што придонесува за дополнителна конкуренција и зголемување на квалитетот на услгите со намалување на цените, рече Андраж Шавли, раководителот на Секторот за органзирање трговија во БОРЗЕН.
Генералниот директор на БСП, Горазд Ажман очекува доколку има ниски температури и зимава во одреден период да се појави недостиг на електрична енергија што може да предизвика зголемува��е на нејзината цена на пазарот.
- Во февруари годинава имаше проблеми со термо постројките во неколку земји поради што беа приморани да го ограничат извозот на енергија. Доколку такво нешто не се случи зимава ситуацијата нема да биде толку екстремна како во февруари. Сега за сега нема најави за тоа и се говори само за останување, па дури и за зголемување на таксите за извоз на електрична енергија од Романија и Бугарија што секако би влијаело на цената на струјата за земјите од Југоисточна Европа. Сепак ќе треба да се навикнеме дека цените во тој регион ќе зависат од временските прилики се додека нема некои посериозни инвестиции во производството на струја, изјави Ажман и додаде дека во последните дваесетина години немало позначителни инвестиции во енергетиката во земјите од поранешна Југославија, вклучително и Унгарија и Грција.
|