15.10.2012, 14:54 Пет лица загинаа во „сомнителен“ пожар во Англија
Рано утрово во пожар што избувнал во куќа во англиската област Есекс загинаа четири деца и нивната мајка
Четири деца и нивната мајка загинаа денеска во пожарот што избувна во нивната семејна куќа во местото Харлоу, во англиската област Есекс.
Претставник на локалната полиција изјави дека се испитува причината за оваа семејна трагедија, означувајќи го пожарот како „сомнителен“.
Инцидентот се случи рано утринава, околу два часот по полноќ, кога соседите слушнале повици за помош. Пожарникарите и полицијата кои веднаш дошле пред куќата што горела, можеле само да констатираат дека три деца, две момчиња на возраст од 13 години и едно девојче од 11 години, како и нивната мајка се мртви. Две други деца на возраст од три и девет години биле тешко повредени, со сериозни изгореници по телото и пренесени во болница, каде едно од децата, набргу починало. Еден маж чиј идентитет не е соопштен, е исто така пренесен во болница на лекување, но тој има само полесни повреди. Во соопштението на полицијата се вели дека се испитува можноста пожарот да бил подметнат.
Таткото на децата, за кои се вели дека е лекар по професија, не бил дома во време на избувнувањето на пожарот. Соседите изјавуваат дека целото семејство од неодамна се преселило во куќата.
Пожарникарите кои учествуваа во гаснењето, соопштија дека претходно учествувале во гаснењето на еден запален автомобил, кој горел на паркингот, блиску до опожарената куќа. Тие веруваат дека автомобилот бил намерно запален, но засега не ги поврзуваат двата инцидента. |