16.10.2012, 14:05 Само четворица од Македонија добиле азил во Шведска
Барање за азил во Шведска минатата година поднеле 890 лица од Македонија, а дозвола за престој добиле само четири. За споредба, може да се посочи податокот дека на 75 отсто од азилантите од Еритреја и на 43 отсто од оние кои доаѓаат од Ирак, им се одобрени дозволи за престој. Најголем дел од македонските азиланти, како и оние од другите балкански земји, се припадници на заедниците.
Голем број од азилантите кои доаѓаат во Шведска се од Западен Балкан, односно од земјите за кои е воведена визна либерализација како Србија, Босна, Косово и Македонија. Во текот на 2011 година меѓу земјите од кои доаѓаат најголеми азилантски групи во Шведска, Србија се наоѓала на трето место, Босна на деветото, а Македонија на единаесетото место. Според најновата прогноза на шведскиот Завод за миграции, идната година вкупната бројка баратели на азил во Шведска би можела да изнесува 50.000, а што би претставувало највисоко ниво по војната во Босна пред 20 години.
|